Животот продолжува, децата едвај чекаат да се маскираат за Денот на шегата

157

Родителите и децата реагираат, а претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, децидно стои на ставот дека сега сè уште не е време за забави затоа што не се поминати ни 40 дена од несреќата. Општините, по сè изгледа, ќе го почитуваат тоа. Социологот Илија Ацевски е во иста насока со родителите на децата, нагласува дека мора да продолжи животот понатаму. – Македонија покажа преголема солидарност. Во ред е да се апелира одбележувањето да не биде пренагласено, да биде умерено, колку што е можно да биде во приемчиви граници, барем одреден период, но не би било во ред да се забрани, бидејќи на тој начин исчезнува таа културолошка димензија. Ако се забранува, треба и да се санкционира, бидејќи некој ќе го почитува, но некој нема да го почитува тоа – цени Ацески. Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска предлага во сите училишта да се направат работилници и различни активности, да се зборува за добрината, бидејќи тоа е нешто што поврзува и би било една убава симболика, но и да се смени името на настанот, место Ден на шегата, да биде Ден на добрината или Ден на љубовта

 

Препораката донесена на Управниот одбор на ЗЕЛС во понеделникот, сите општини, училишта и јавни установи да ги откажат планираните јавни настани или да најдат соодветна замена за нив, која ја соопшти претседателот Орце Ѓорѓиевски, наиде на реакции и кај родителите, и кај децата и кај основците.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, децидно стои на ставот дека сега сè уште не е време за забави затоа што не се поминати ни 40 дена од несреќата и оти тоа е ставот на сите членови на УО на ЗЕЛС.

Родителите велат дека нивните деца со душа го чекаат Први април, Меѓународниот ден на шегата, и дека се подготвуваат за него, а во маркетите се продаваат маски со омилените јунаци, особено за најмладите.

– Ја разбирам сета тага, почит, но животот треба да продолжи понатаму. Не треба да им се оневозможи тоа задоволство на децата, тие со нетрпение чекаат да се маскираат. На тој начин, ќе им се оттргнат мислите – изјави родител.

Друг, пак, додава дека во градинката во која престојува неговото дете веќе имало претстава и смета дека не влијае тоа на тагата што ја чувствува секој од нас, зошто, сепак, тие се деца.

– Нашата тага нема да престане, нема утеха за загубените млади животи. Ова е колективна жалост, но животот продолжува. Така и завчера, во градинката на син ми се одржа приредба за која децата, возбудено, се подготвуваа месец и пол, иако имаше дилеми. Но верувајте, сите родители потоа си рековме дека ова беше како мелем на раната за која сите сме свесни дека нема лесно да заздрави. Не сум стручен, но мислам дека би било убаво да продолжат ваквите активности, па и за Први април, зошто да не? Да не им создаваме нови трауми на децата – вели родителот за весникот ВЕЧЕР.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека деновиве ќе имаат состанок на кој точно ќе се договорат како би го спровеле тоа.

– Можеби Први април, Денот на шегата, ќе се одбележи интерно во школите, а на кој начин ќе видиме. Можеби, ќе бидат насадени дрвја за да се покаже почит кон жртвите во трагичната несреќа во Кочани – истакна Герасимовски.

Сепак, смета дека не би требало да им се одземе тоа задоволство на децата.

– Психолошки, не е добро тоа. Што ќе им објасните на децата, зошто се прави тоа? – потенцира Герасимовски.

Општина Карпош е децидна. Училиштата и градинките на 1 април, Денот на шегата, не планираат, ниту ќе организираат јавни настани.

– Во тек е планирање акција за садење дрвја во основните училишта и во градинките, а реализацијата, најверојатно, ќе биде на 3 април – одговорија општинските власти.

И во Општина Бутел не планираат ништо. Оттаму велат дека, можеби, ќе се организира садење дрвја, но дека ќе следува дополнителен договор за тоа.

– Ги откажавме сите јавни настани, вклучувајќи го и „Април, месецот на Општина Бутел, кога се одбележуваат 20 години постоење на оваа локална самоуправа. Подготвени се повеќе активности, но сега тие се презакажуваат за понатаму – одговорија од оваа Општина.

Социологот Илија Ацески е во иста насока со родителите на децата, нагласува дека мора да продолжи животот понатаму.

– Македонија покажа преголема солидарност. Во ред е да се апелира одбележувањето да не биде пренагласено, да биде умерено, колку што е можно да биде во приемчиви граници, барем одреден период, но не би било во ред да се забрани, бидејќи на тој начин исчезнува таа културолошка димензија. Ако се забранува, треба и да се санкционира, бидејќи некој ќе го почитува, но некој нема да го почитува тоа – цени Ацески.  

Смета дека треба да се започне со промени во образованието, во планирањето на градот и да се создаде атмосфера на посигурен живот.

Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска смета дека треба да се промени името на настанот, да не биде Ден на шегата, туку, на пример, Ден на добрината, што е една од идеите на училиште во Зрновце.

– Може и да се вика Ден на љубовта. Во сите училишта да се направат работилници и различни активности, да се зборува за добрината, бидејќи тоа е нешто што нè врзува и би била една убава симболика. На тој начин, ниту децата ќе го загубат тој ден – изјави Јовановска-Стојановска.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ