Михаел Шумахер со години е далеку од очите на јавноста, мал број луѓе знаат за неговата здравствена состојба, а пред неколку дена „стави потпис“ на кацига што потоа беше ставена на аукција за хуманитарни цели.

Животот на легендарниот Формула 1 возач е во рацете на една жена – неговата сопруга, Корина Шумахер.

Корина (56 години) е столб на семејството на најголемиот возач во историјата на Формула 1. Таа се грижи за него секој ден откако тешката несреќа при скијање го остави неподвижен, а неодамна му помогна да ја потпише и кацигата што замина на аукција.

  • Прекрасно е што успеа Михаел да се потпише на кацигата за оваа прекрасна причина, да помогне во лекувањето на деменцијата, болест за која нема лек. Неговата сопруга му помогна при тој потпис и сите шампиони што сè уште се меѓу нас ги ставија своите автограми – изјави великанот на Формула 1, Џеки Стјуарт, за убавиот гест на Шуми.

Корина и Михаел се во брак од 1995 година и имаат две деца, ќерката Џина Марија Бетке (28), која се занимава со јавање коњи, и Мик Шумахер (26), поранешен возач во Формула 1. Тешката несреќа, по која животот на Шумахер и на неговото семејство не е повеќе ист, ја стави Корина во преден план, на чии рамена падна тежок товар.

Таа своевремено беше професионален јавач на коњи, а интересно е што пред врската и бракот со Михаел Шумахер, се забавуваше со уште еден легендарен Ф1 возач и ривал на Шумахер, Хајнц-Харалд Френцен (57).

Интересно е што во раните 90-ти, Шумахер, Френцен и Карл Вендлингер беа дел од јуниорската програма на Мерцедес-Бенц, а, исто така, и тимски колеги. Години подоцна, по раскинувањето со Френцен, започна врска со Михаел, а во 1995 година се венчаа.

По ужасната несреќа на Михаел Шумахер во кој тој се здоби со тешка повреда на главата по ударот во карпа, таа се грижи за сè што е поврзано со семејството. Покрај за неговата здравствена состојба, таа се грижи и за тоа да не протечат информации во јавноста, што успешно го прави со години, како и за семејното богатство.

Огромното богатство на семејството Шумахер, кое се проценува на околу 500 милиони евра, по несреќата е ставено исклучиво во нејзини раце и таа многу успешно се снаоѓа со него. Семејството Шумахер има недвижен имот на неколку континенти, внимателно се грижи за семејниот бренд и таа ѝ подреди сè на грижата за својот сопруг.

Корина Шумахер го продаде приватниот авион на семејството, како и нивниот дом во Норвешка, а во 2014 година направи голем имот на Женевското Езеро во Швајцарија, дом за најблиските. Таа ја избра оваа локација за да ги одгледува своите деца и за да се грижи за сопругот.

Инаку, Корина Шумахер беше вклучена во многу непријатни и тензични сцени, вклучувајќи и обиди за уцена од криминалци од Германија, кои се заканија дека ќе објават наводни фотографии што откриваат за состојбата на асот во Формула 1. Тие беа уапсени во јуни 2024 година, во супермаркет јужно од Франкфурт.

ИЗДВОЕНИ