ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Време за одлуки

615

Постојаната подложност на лоши вести, политички тензии, несигурност и на неправди присутни во нашето општество никого не може да остави рамнодушен и опуштен. Повеќедеценискиот грабеж на општествените добра, неказнивоста, нееднаквоста пред законот, катастрофалното водство од политичките лидери, корупцијата и недостигот на етика и на одговорност кај функционерите предизвикаа народот да стане крајно несреќен, фрустриран и подложен на стрес, страв и на несреќи.

Таквата состојба го изнесе на површина законот за преживување, а не законот за креативно дејствување. Кога се чувствува човекот загрозено, тогаш за него не постои културно воздигнување и духовно осознавање, туку борба за опстанок и фаворизирање на максимата „целта ги оправдува средствата“.

Стравот, незадоволството, страдањето и насилството се меѓусебно поврзани. Многумина наоѓаат уживање во бучавата, во конфликтот и агресијата, во нетрпеливоста кон другите луѓе, во омразата или одбивноста кон некоја посебна раса или група луѓе и во негувањето непријателски емоции кон различното.

  1. Човекот што не е негативен, исполнет е со радост

Позитивната емоција јасно се разликува од емоцијата произлезена од гневот, судирите, непријателствата и стравовите што се предизвикани од тие агресивни пориви. Треба да допреме до причините за насилството и чувството на загрозеност и да се ослободиме од нивното штетно влијание. Во спротивно, вечно ќе живееме во неслога, фрустрација, страв и закана. За жал, негативизмот и конфликтите многумина ги имаат прифатено како составен дел од секојдневниот живот. Тие сметаат дека натпреварувањето, љубомората, себичноста, ненаситноста и агресијата се нормална форма на живеење. Ако сме подготвени да живееме на таков начин и не сакаме да видиме дека преживуваме во болно општество, тогаш нужно ќе опстојуваме според подјармувачките правила на однесување.

Егзистенцијалната борба прави луѓето да станат несигурни, нервозни, негативни и полни со гнев и фрустрација кон сѐ што е поразлично или кое се коси со нивните сфаќања за моралот, вредноста и за вистината.  И наместо јасно да ги перципираат општествените штетници што им ја уништуваат иднината со децении, тие го насочуваат целиот свој гнев кон послабите, кон повредувањето на животните, кон загадувањето на екосредината или кон уништувањето на општото добро. Како поинаку да се доживеат енормната загаденост во која живееме, негативизмот присутен на социјалните мрежи, игнорирањето на неправдите со кои се соочува нашата татковина?

Сето ова зборува за два аспекти: првиот е дека живееме во сериозно заболено општество, а вториот е дека сме навикнати да преживуваме во држава шампион по загаден воздух, корупција, апатија, стрес, болести и со 2 % доверба во судството. Да не е толку трагично, би било смешно кога ги слушаме сите оние политичари полни со суета, лажен оптимизам и умисленост дека само што не се отвориле портите на „рајот“.

Бидејќи клучевите од „рајот“ се кај поединците и кај групациите што најмалку водат сметка за чесноста, доблеста, свеста и за совеста, сите ние треба да преиспитаме кон што го водиме својот живот и колку придонесуваме да тргнат нештата кон нагорната патека на постоењето. Искачувањето нема да го постигнеме доколку продолжиме заспано да живееме, да очекуваме другите да ни ги решаваат проблемите или постојано да ги обвинуваме надворешните фактори за кризата во која се наоѓаме. Работата на самите себе е клучното решение за излез од негативните надворешни влијанија. Треба да осознаеме со кого си имаме работа и да почнеме да инвестираме во личниот развој.

Едно е сигурно, колку и да бегаме од личната одговорност, таа, како сенка, упорно ја следи нашата личност.

  1. Човекот може да избега од сѐ, но не може да избега од можноста да избира

Дури и кога мисли дека не избира, тој, всушност, избира пасивност, затвореност, скриеност или замаеност. Затоа, време е да се избереме самите себеси, да ги избереме добрите луѓе, да ја избереме едукацијата и, пред сѐ, да ја избереме сопствената татковина. Доколку дозволиме да ја разнебитуваат некадарници, поткупливи, површни, неуки и безлични поединци и групации, тогаш ниту себеси се избираме, ниту напредокот за поколенијата го избираме, ниту доброто го избираме, а најмалку ја избираме сопствената татковина. Да се има толкав отпор кон општото добро и напредокот на татковината, никако не може да се разбере, освен дека, можеби, се работи за синдром на самоуништување или за крајна форма на духовна неосвестеност.

Некои собираат арач во името на кнезот на темнината, а други се воини на светлината што се борат во името на правдата и вистината. Секој го дава тоа што го има и се определува за тоа што го носи во душата. Доколку е обоена душата со мрачните бои на себичноста, алчноста и на негативноста, тогаш резултатот ќе биде отсуство на доброто и манифестација на злото. Ерата на рибите и максимата на христијанството за сомилост, сочувство, за љубење на непријателот и за вртењето на образот тотално отиде во историјата. На сцена е некоја поинаква животна филозофија. Егото, статусот, отсуството на срам, корупцијата, материјалното, агресивноста и ниските страсти почнаа сѐ повеќе да се наметнуваат и да стануваат очекуван и посакуван код на однесување. Семејните вредности го загубија приматот; физичката (силиконска) убавина е поценета од интелектот; моќта стана синоним за вредност, богатството за успешност, а многуте лајкови за виденост. Главното прашање не е само во какво општество живееме туку и на какво човештво може да се надеваме.

Се наоѓаме на самиот почеток од ерата на водолијата, која негува сосема поразлични религиозни, филозофски и егзистенцијални концепти од тие што беа присутни во ерата на рибите. Големиот технолошки напредок, сателитизацијата, инженерството, информатичката технологија максимално го променија начинот на живот и создадоа придобивки, но и продуцираат голем страв за напредокот на човештвото. Водолијата владее со роботизацијата, радијацијата и со атомската енергија, така што без инвестиција во човековата одговорност, морална воздигнатост и чувство за општото добро, не можеме да бидеме оптимисти во однос на глобалните случувања. Впрочем, и денес сме сведоци на огромни опасности произлезени од безумните војни, економската и енергетската криза, климатските промени, бескрупулозното уништување на природата и на сѐ поголемиот јаз помеѓу малцинството енормни богаташи и огромното мнозинство крајно сиромашни жители на Земјата. Тоа само кажува дека технолошката еволуција го постигнува својот врв, а „еволуцијата“ на ниво на свеста и моралот – своето дно. Во ерата на водолијата, како сѐ повеќе да почнува да оживува богомилската теорија за вечната борба меѓу доброто и злото.

  1. Секој ќе треба, врз основа на своите морал, свест и совест, да се определи што и кого ќе следи: патот што води кон светлината или бездната на злото и темнината

Светските духовни традиции нудат неколку начини за развој и за засилување на позитивното дејствување. Првиот чекор е да се разбудиме и да станеме свесни за нештата што глобално ги програмираат и приложуваат луѓето на зло и темнина. Штом почнеме духовно да се будиме и да се дистанцираме од лошите влијанија, тогаш ќе можеме да управуваме со своите дух, ум и тело. Инаку, мрачните сили ќе загосподарат со нашата личност и, во името на квазипридобивките и лажните вредности, ќе го трасираат патот кон неосвестеноста, болеста, сиромаштијата и насилствата.

Откако ќе станеме свесни (како народ) колку вредиме, колку можеме и како да го постигнеме тоа што го можеме, тогаш нужно ќе напредуваме. Затоа треба да иницираме културна револуција, само така духот на светлината, знаењето, доблеста и верноста на должноста ќе ги надвладеат неукоста, коруптивноста, партиската книшка и подобноста креирани од „агентите“ на темнината.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ