Успехот нема да го постигнеме ако ја загубиме вербата во иднината, ја затапиме творечката активност и престанеме да се трудиме, да се надеваме и дејствуваме, и тоа само затоа што сме ја загубиле смислата на животот.
Движењето кон целта и стремежот да се успее се суштинските вредности, кои нè држат живи, будни и активни во борбата со апсурдот, бесмислата и искушенијата на постоењето. Затоа треба да ги прифатиме зборовите на Фридрих Ниче: „Кој знае зошто живее, ќе го поднесе секое „како“ да живее“. Поентата е да осознаеме дека не е важно што ние очекуваме од животот, туку што нашата животна мисија очекува од нас.
Иако соочен со голем број ограничувања и здравствени потешкотии, Винсент ван Гог преку креативната творечка активност, сепак успеал да ја пронајде смислата на животот. Таа му помогнала долго време да им одолева на внатрешните борби, на телесното и психичко пропаѓање. Но, со губење на вербата во иднината, тој ја загубил и духовната потпора и го окончал своето физичко постоење.
Како што пишува Виктор Франкл во книгата „Човековата потрага по смисла“: Начинот на кој човекот ја прифаќа својата неизбежна судбина и сите искушенија што таа со себе ги носи, начинот на кој го носи својот крст, му нуди можности, па и во најтешките околности, до неговиот последен здив на својот живот да му даде подлабока смисла.
Откако својата среќа не ја доживеал преку верата и љубовта, Ван Гог смислата ја пронашол во уметничката инспирација, која неговото име го вивна на самиот врв на светското сликарство. Прашањето е дали Ван Гог ќе успеел да создаде огромен број на уметнички дела, доколку им се препуштил на пасивизацијата, на малодушноста и на стравот дека нема да биде прифатен од критиката и дека нема да продаде ниту една слика. Како и да е, тој смислата и целта ја пронајде во творењето и во следењето на својата животна мисија, која му овозможи преку еуфоричниот занес на креативното создавање, барем за миг да ја почувствува убавината на среќата.
Винсент ван Гог можел да размислува и на следниот начин: што и да направам, нема да успеам; што вреди ако ги прикажам талентите пред јавноста, кога некои други фактори се пресудни за успехот; не треба премногу да се трудам, зашто публиката не е доволно упатена за да ги восприми високите уметнички вредности! Наместо да се окупира со вакви размислувања и од старт да го трасира својот животен пат кон неуспехот, просечноста и пасивноста, тој се одлучил да се бори, да дејствува и да создава, без оглед што искушенијата и проблемите речиси никогаш не го заобиколиле.
Бегајќи од одговорноста и очекувајќи брза реализација, многумина лесно може да западнат во песимизам и апатија и по почетните кризи и неуспеси да констатираат: не вреди да играм; не вреди да сликам; не вреди да љубам; не вреди да бидам морален; не вреди да бидам отворен за заедницата, бидејќи никој ништо не цени, ниту тоа што ќе го направам, ќе биде доволно добро за другите! За да се дистанцираме од овие потенцијални нихилистички размислувања, наместо кон надворешната средина, неопходно е фокусот да го насочиме кон самите себе и да иницираме вредности, кои пред сè, ќе бидат доволно добри за нас.
Тоа што ќе го реализираме, можеби нема да биде совршено, но зошто да не биде блиску до совршено? Човекот е мерило на сите нешта, така што без оглед на судот на околината, клучно е колку ние самите сме задоволни од постигнатите дела. Поединецот кој стекнал навика да се вреднува себеси според критериумите и очекувањата на другите, сериозно го загрозува својот интегритет и духовен идентитет, бидејќи тие можат да кажат дека нешто не чини и од ниски побуди.
Совршеното можеме да го најдеме единствено во божественото, односно во космичката димензија и кај апсолутниот дух, кој на совршен интелигибилен начин го креирал сепостоечкото и ги поставил нештата на небото и на Земјата. Но, човекот, ниту може да биде совршен, ниту пак неговите дела можат да бидат најсовршени. Тие единствено можат да бидат блиску до совршени. А зошто не можат? Бидејќи ако се совршени, со нив ќе заврши и еволуцискиот развиток, нема да постои можност за создавање, тоа ќе биде крај за напредокот. Сé што го достигнало врвот на својата вредност е осудено на паѓање или пропаѓање (доказ за тоа е пропаста на моќните цивилизации: египетската, сумерската, Маите…), зашто како што потенцирал Хераклит, „ништо во светот не е подложно на стагнирање, туку на вечно движење и менување“. Во тој контекст, и најголемиот духовен развој и најголемото знаење не мораат да бидат совршени, туку блиску до совршени. Така, ќе бидеме уште помотивирани од потребата да напредуваме, да се усовршуваме и да се искачуваме по тесните врвици на мудроста и духовноста. Секој од нас, можеби создал прекрасни дела, но тие дела не можат да бидат совршени, зашто доколку совршеното е веќе постигнато, би се стопирале врвните креативни достигнувања и ќе престане да постои поривот за создавање и инспирацијата за творење.
Најмудрото совршено дело е поврзано со моралот, со духовниот развој, со љубовта и со позитивното чувство.
Ако тие вредности не ги воспоставуваме во животот, тогаш нашите цели ни приближно нема да бидат блиску до совршеното ниту, пак, ќе бидат исполнети со хармоничност и благопријатна енергија. Но, мора да бидеме и реалистични! За да ги постигнеме вредностите, потребен е духовен развој и потребна е подготвеноста во одредени ситуации да преземеме ризици. Дури и тогаш кога чувствуваме дека нема да бидеме прифатени; кога знаеме дека другите не ја одоброволуваат нашата постапка; или кога препознаваме дека дел од јавноста ќе го исмее нашето најдобро дело.
И тоа е можно! Зашто постојат и такви поединци, има и такви животни ситуации. Ама постојат и луѓе кои ценат и вреднуваат. И на крајот, никој не може да го прекине текот на времето. Еден ден со текот на времето, (кај Ван Гог по неговата смрт), судот на јавноста ќе го каже своето – дека нашето дело имало суштина, имало вредност и дека сите треба да бидат среќни што било создадено. Дали тоа дело го создал Сократ, Џордано Бруно, Моцарт, Ганди, Мајка Тереза, Чарли Чаплин, Никола Тесла, или некој друг филозоф, мислител, композитор, уметник, научник, хуманист или обичен човек, не е толку битно. Клучот е делата да се создаваат, без оглед дали тие дела се најсовршени дела. За напредокот и добробитта на човештвото, доволни се и малите и помалку совршени дела, зашто како што кажа Мајка Тереза: „Ако не можеш да направиш големи дела, направи мали, но со голема љубов, искреност и посветеност“.
Заклучокот е дека добрите дела продолжуваат да живеат во мислите на луѓето, и пред сè во интелигибилната космичка димензија, каде што низ јадрото на знаењето, сите нешта повторно ќе проциркулираат и како осознаена вистина, ќе се отворат за сите оние што поседуваат пробудена свесност и продуховена вредност.