ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Проблеми и решенија

310

Силниот дух е поврзан со одговорноста и со способноста да се препознаат позитивните можности во период на криза и во неизвесни животни околности. Врз некои настани не можеме да влијаеме, но затоа можеме да влијаеме врз нашата реакција во однос на надворешните случувања.

Од голема важност е како се справуваме со ограничувачките влијанија и дали потклекнуваме пред животните кризи и тешкотии. Многу нешта зависат од волјата, упорноста и пристапот кон проблемите. Малодушноста, стравот и пасивноста никогаш не носат позитивни резултати.

Енвироменталната психологија укажува дека животната средина го предопределува однесувањето на луѓето. Сепак, колку и да е силно влијанието на надворешната околина, од нас зависи како ќе се поставиме кон околностите на животот. Духовно осознаените луѓе знаат дека суштината не е во отстранувањето на проблемите, туку во нивното преобразување. Проблемите се составен дел од постоењето и тие честопати будат мотив за иницирање значајни промени. Впрочем, кога не би имале проблеми и искушенија, тогаш не би знаеле колку вредиме и колку сме способни да се справиме со тешките удари на судбината.

Важно е да поседуваме силна волја и посветен дух во борбата против негативните изблици на постоењето.  Вредноста на личноста се преиспитува низ умеењето за создавање подобри услови за живеење воспоставени низ етичко и трудољубиво работење.

Ако не можеме да иницираме промени надвор од нас, должни сме да се усовршуваме и хармонизираме внатре во нас. Личната промена е основна за да ги подобриме и состојбите надвор од нас. Незадоволниот, несреќен и фрустриран поединец не може да создаде афирмативен развој на нештата. Тој е под влијание на негативизмот и насекаде шири напнатост и тензична атмосфера. Спротивно на него, среќниот, радосен и исполнет човек својата позитивна енергија им ја пренесува и на другите. Тој е секаде посакуван и добредојден.

  1. Доминација на ниската свест

Луѓето отсекогаш се разликувале според нивото на свест и совест, како и низ определбата за морално постапување, за снаоѓање во критични ситуации и за вредност, цел и смисла во животот.

Ниското ниво на свест за препознавање на вистинските вредности е најголемиот непријател на хармоничното живеење. Кога непромислено постапуваме и не водиме сметка за последиците од своето неморално однесување, нужно ќе се соочиме со проблеми, тешкотии и ограничувања. Дармата (хиндуистички термин за позитивна животна должност и определеност) дава многу шанси за подобрување, за себеосознавање и за фокусирање кон правилниот пат на постоењето. Проблемот се јавува кога духовно се губиме како личност и стануваме слаби, ранливи, несигурни и неспособни за препознавање на вистинските вредности. Тогаш по нас тргнува кармата – таа како железна нужност ќе нè соочи со последиците произлезени од неразумното и неодговорно однесување. За жал, во денешно време многумина живеат под влијание на ниската свесност, негативноста, површноста, егоизмот и материјализмот. Според законот на кармата овие лица неизбежно ќе доживеат тешки удари на  судбината.

Современиот начин на живеење постојано го притиска човекот, соочувајќи го со површни задоволства, неморал, лаги, интриги и манипулации.

Да се тргне кон погрешниот пат стана исклучително лесна определба, но да се негуваат моралот, достоинството и совесноста за мнозина е невозможна мисија. Ним очигледно им е полесно да ги прекршуваат начелата на одговорност, должност и етика, а некои со своето алчно и сурово однесување претпочитаат да ги експлоатираат или повредуваат слабите и незаштитените.

  1. Уништување на општото добро

Релативизирањето на моралот, неказнивоста, манипулирањето и немањето соодветни примери на доблесно и одговорно однесување меѓу оние кои се сметаат за елита си го прават своето. Ловот во матно стана посакувана појава наметнувајќи ја тезата дека кога се работи за моќ, пари и ниска страст не треба да се очекува морал, чест и одговорност. Во преден план излагаат измамите, лицемерството и лажењето. Негативноста зема замав, а позитивниот пристап сѐ помалку го има во меѓучовечките односи. Фокусот е ставен врз парите, телото и лажните изблици на славата. Ако овој тренд продолжи, тогаш ќе нема спас за општеството (човештвото), бидејќи како што потенцира папата Франциско: „Светот уште подлабоко ќе потоне во трескавичен консумеризам насочен кон ниски страсти и површност на постоењето“.

Каде е излезот од таквите деструктивни појави и што треба да направиме за да го постигнеме мирот со себе и да се извлечеме од вителот на негативизмот и површните форми на живеење?

Сите ние имаме потреба од сигурност во несигурен свет полн со борби, неправди и тешкотии. Колку и да оди бавно воспоставувањето на мирот, сигурноста и стабилноста, сепак, со инвестирање во личниот развој и надградба може да се постигне индивидуален, а со тоа и колективен напредок.

Основно е да учиме од животните искуства, да вложуваме во тоа што е добро и да ги препознаеме сопствените вредности, но и туѓите добронамерни обиди за подигнување на свеста. Секој самосвесен и духовно осознаен поединец е должен да се надградува со читање книги во кои преовладува практичниот пристап кон разните животни проблематики, со конструктивни разговори со други луѓе; разни филмови, едукативни емисии исто нудат практични совети итн. Треба да имаме на ум дека моќта е во знаењето, а спасот е во себеспознанието. Стекнатата мудрост, изградениот карактер и вложувањето во духовноста ќе ни помогнат да направиме разлика помеѓу доброто и лошото; вистината и лагата; инспирацијата и манипулацијата итн.

  1. Моќта на знаењето

Никола Тесла сметал дека мирот и прогресот ќе произлезат од универзалното (духовно) просветление на луѓето. Тој потенцирал дека од сите неразбирливи отпори, оној што најмногу го оневозможува човековото напредување е незнаењето. Буда, пак, сметал дека неукоста е најголемото зло на светот, а Сократ подучувал дека знаењето е пат кон доброто и хармонично живеење. Дури и во епохата на кинескиот филозоф Конфучие се знаело дека едуцираноста на населението е најдобар репрезент на една нација и главен предуслов за напредок на општеството.

Задача на секој духовно осознаен поединец е да ги поттикнува луѓето кон личниот развој, напредокот и убавите нешта на постоењето. Меѓутоа, колку и да мотивираме кон повисоките вредности, ако кај луѓето не постои интерес за надградба, сето тоа ќе биде јалова работа. На човекот можеме само да му земеме, но не и да му дадеме ако лично нé покаже интерес за такво нешто.

За сè се потребни двајца – инспириран писател (говорник) и фокусиран читател (слушател) кој сака да вложува во знаењето и во позитивните вредности на постоењето. Секој го добива тоа што го заслужува и го дава тоа што го носи во себе. Кога ќе почнеме да работиме на самите себеси и акцентот да го ставаме врз знаењето, позитивноста и духовноста, тогаш и Бог ќе нè дарува со нештата што ги заслужуваме – внатрешен мир, љубов, хармонија и позитивна енергија.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ