ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Отпорност на стресот

1144

Секој човек сака да ја открие среќата и да го избегне страдањето. Но, како да се биде среќен во свет исполнет со многу болки, страдања и несреќи? Негативните случувања се насекаде околу нас, така што е потребна голема свесност, будност и мудрост за да се заштитиме од сѐ што може да ја загрози нашата личност.

Во будизмот е потенцирано: болката е неизбежна; страдањето е производ на изборот. Современите луѓе како да заборавија на позитивното чувство, така што многу повеќе се фокусирани кон нештата што ги прават несреќни.

Кога зборуваме за доживувањето на среќата, треба да знаеме дека, всушност, постојат различни видови среќа. Првата е поврзана со уживањата и задоволствата доживеани со посредство на сетилата. Можеме да доживееме среќа и на подлабоко ниво, со посредство на умот и на срцето, на пример, низ практикување на љубовта, сочувството и на великодушноста. Крајниот извор на среќата се наоѓа во нашата емоционална исполнетост и во духовната воздигнатост.

Во денешно време, луѓето многу повеќе се заинтересирани за сетилните искуства и за телесните страсти. Хедонизмот станал доминантен став во потрошувачката култура. Уште во античката епоха, филозофот Епикур укажал дека луѓето се хедонистички суштества, водени од потребата да уживаат во телесните задоволства, притоа нагласувајќи дека најголемите задоволства не произлегуваат од насладите и од страстите, туку од духовната хармонизираност и од остварената смисла во животот. Тоа укажува дека е клучно да се отвориме за вистинските задоволства, но и да се дистанцираме од уживањата што подоцна може да ни создадат голема болка и страдање.

Повеќето од луѓето не обрнуваат многу внимание на крајниот извор на среќата. Тој се наоѓа навнатре, а не надвор од нашето битие. Дури и изворот на физичкото здравје е навнатре, а не нанадвор, потенцирал Далај Лама.

Голем дел од човековото страдање е плод на нашата ментална и душевна состојба. Парите, моќта и високиот социјален статус не се гаранција дека ќе бидеме среќни. Среќата зависи од состојбата на нашиот дух, а не од тоа колку пари имаме на банковната сметка. Има луѓе што се милијардери, но се мошне несреќни и духовно неисполнети. Парите, славата и моќта не гарантираат внатрешен мир и среќа.

Имаме сѐ повеќе материјални добра, но дали сме посреќни? Потребно е многу малку за да бидеме среќни. Да се биде во мир со самите себе е најголемата вредност на постоењето. За жал, честопати ние самите ги создаваме причините за нашата несреќа. Негативното размислување и неспособноста да ги цениме и да ги реализираме потенцијалите што ги поседуваме,  создаваат неуспех, стагнација и незадоволство во животот.

Постојат настани што можеме да ги контролираме, но и многу нешта врз кои не можеме да влијаеме. Природните катастрофи и неволјите се дел од животот и, во голема мера, се неизбежни. Ако ги прифатиме, нема толку многу да ни пречат. Древната будистичка поговорка кажува дека на лето е врело, а на зима е студено. Поуката е дека постојат надворешни случувања што мораме да ги прифатиме, бидејќи се посилни од нас.

Негативното размислување донесува големо страдање. Тоа предизвикува ментална нестабилност и емоционална несигурност. Да се претерува во песимизмот и постојано да се предвидуваат негативни настани, не е добра стратегија за надминување на проблемите. Опсесивната подложност на црни сценарија може да ги наруши нашите физичко и ментално здравје. Клучот на позитивната промена е во афирмативниот начин на размислување.

Античкиот филозоф Епиктет сметал дека силните емоции (гнев, тага, страв) се најголемите уништувачи на внатрешниот мир. Според него, не треба да нè погодува тоа што ни се случува, туку начинот на кој зборуваме за тоа што ни се случува.

Да се оцени како ужасно сѐ што ни се случува, воопшто не е корисно за психофизичката состојба на нашата личност. Ако ги исчистиме мислите од нереалните стравови, предрасуди и фрустрации, ќе разбереме дека имаме капацитет за справување со тешкотиите. Стресот и вознемиреноста неретко произлегуваат од преголемите очекувања, од (само)наметнатите притисоци и од непоставувањето граници во релациите со другите лица.

Шпанскиот когнитивен психотерапевт Рафаел Сантандреу смета дека потеклото на неврозите лежи во екстремно негативната и застрашувачка проценка на секојдневните ситуации. Треба да се фокусираме на позитивното, а не на тоа што ни недостига. Кога се фокусираме на она што го имаме како вредност, а не на она што го немаме, тогаш отвораме цел свет на можности.

Една од главните методи на внатрешното исцелување е во намалувањето на потребите и во ослободувањето од зависностите.

Клучот на среќата е да се грижиме за себе, без притоа да бидеме себични. Ако не се грижиме за самите себе, нема да напредуваме. Постојат два услови за подобрување на животната перспектива: постојна работа на себе и имање отворен ум.

Соња Љубомирски, која е психолог, утврдила три фактори што влијаат на зголемувањето на нашата среќа: позитивно согледување на ситуацијата во која се наоѓаме; искажување благодарност; љубезно и великодушно однесување. Слични размислувања искажал и неврологот Ричард Дејвидсон. Според него, најважно е да одржуваме позитивна состојба; да имаме способност за себеисцелување по негативните настани; да умееме да се фокусираме; да бидеме великодушни. Социјалниот психолог Џон Барг, кој е професор на универзитетот „Јејл“, напишал дека луѓето се водени од три вродени (и честопати несвесни) цели: да преживеат; да се репродуцираат и да соработуваат. Тоа укажува дека грижата и помагањето на другите луѓе е начин да ја откриете радоста и да водите среќен живот.

Интересна е согледбата на Рафаел Сантандреу дека среќата е многу поважна од здравјето. „Земајќи ја во обѕир когнитивната психологија, се осудуваме да тврдиме дека здравјето не е неопходно за среќа: најважна е самата среќа. Со други зборови, ајде да не се грижиме толку многу за здравјето и повеќе да му се посветиме на уживањето во животот. Кој од нас би посакал да живее многу години несреќно? Каква е користа од здравјето ако не уживаме во животот? Здравјето, секако, е вредност, но самото по себе не значи ништо. Всушност, многу депресивни луѓе се сосема здрави на физички план, но, сепак, размислуваат да се самоубијат. На некој начин, нели е глупаво да му придаваме толкаво значење на нешто што гарантирано ќе го загубиме? Болеста, болката и смртта се дел од животот и не мора да се сфатат како несреќи што ја нарушуваат среќата на луѓето. Треба да се разберат како природни процеси, навистина непријатни, но кои, сепак, оставаат многу простор за радост, љубов и за другарување. Добро е да водиме сметка за своето здравје, но не и постојано да стравуваме за него“.

Стресот, стравот и гневот им се најголемите непријатели на внатрешната хармонија, мирот и на здравјето. Стресогените фактори се насекаде околу нас, така што колку и да сакаме, нема да можеме целосно да ги избегнеме. Сепак, проблемот не е во присуството на стресот, туку во нашата реакција на стресот. Клучно е да развиеме отпорност на него. Излезот е во стекнувањето силен ментален имунитет.

Како што здравиот имунолошки систем го штити нашето тело од вируси и од бактерии така и менталниот имунитет создава здрава состојба на умот и способност за справување со стресот. Луѓето би сакале да земат медикамент што ќе овозможи да исчезнат нивните страв и нервоза и веднаш да се почувствуваат смирено. Тоа е невозможно. Човекот мора да го развива својот ум и да стекне ментален имунитет. Сепак, како што кажал надбискупот Дезмонд Туту: „И покрај силниот ментален имунитет, ќе има моменти кога ќе бидеме подложни на негативни мисли или на деструктивни емоции, а кога ќе дојде до тоа, последно што треба да направиме е да се осудуваме себеси поради својата несовршеност“.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ