ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ОДНОС КОН МИНАТОТО

276

Внатрешните борби и страдања не произлегуваат од лошите удари на судбината, туку од определбата да живееме со вознемиреноста и маката без да се обидеме да го промениме сфаќањето кон случувањата од минатото. Во тој поглед, главното прашање е како да ги исфрлиме внатрешниот немир и напнатоста од својот животен стил и да живееме мирно, хармонично и релаксирано.

Патот кон мирот и среќата започнува со духовно будење, личносна промена и преобразба во начинот на размислување и дејствување.

Позитивната промена произлегува од преиспитувањето на ситуацијата во која се наоѓаме и со барањето решение за излез од кризата. Опстојувањето со тело на болка, немир и страдање не ветува мир, среќа и хармонија. Силната волја, иницијативноста и оптимизмот се главните аспекти на позитивната промена.

Сé во животот е подложно на промена, така што ништо не е вечно и трајно за да не може да биде променето.

Нашето доживување на светот зависи од нашите интелектуални способности и уверувања. Ние го гледаме тоа што очекуваме да го видиме. Го слушаме тоа што очекуваме да го слушнеме. Стварноста е таква какви што се нашите мисли и емоции. Кога се позитивни нашите мисли и емоции, тогаш напредуваме, уживаме и афирмативно ги восприемаме убавините на животот. Но, доколку сме фокусирани кон неубавите нешта, во тој случај неизбежно стагнираме, страдаме и ги блокираме потенцијалите на личноста.

Врзувањето за лошите спомени е како чекорење со железна кугла врзана за ножниот зглоб.

Животот постепено се урива кога ќе сфатиме дека не можеме да го подобриме. Песимизмот и стравот од иднината не создаваат позитивни резултати. За да бидеме среќни и исполнети, треба да постигнеме внатрешна хармонија и да ја пронајдеме смислата на сопственото постоење. Внатрешната хармонија е плод на совесно, самосвесно и позитивно дејствување. Излезот од кризата првично произлегува од верувањето дека ќе се случи нешто добро.

Многу е важно да веруваме во промена, исцелување и во чудо.

Суштината на човековото битие не се состои само од телесната структура туку и од емоционалното, менталното и од енергетското ниво, од кои секое на свој начин влијае врз активирањето на чувството на среќа и хармонијата на личноста.

Стресот, стравот, тагата, гневот и незадоволството предизвикуваат нашето биополе да биде разнебитено и да станеме ранливи, несреќни и немоќни. Долготрајната подложност на негативни вибрации ги блокира психофизичките потенцијали на личноста и нè соочува со разни болести.

Кога се чувствуваме емоционално и ментално блокирани, тоа значи дека нашата творечка енергија е задушена, лошо вибрира и не протекува. На почетокот блокадите обично се предизвикани од пренагласената грижа на совеста, чувството на вина и неприфаќањето на минатото или од потиснатите емоции на страв,  жал и лутина. Последиците од енергетската блокираност се опстојување со емоционален отров и емоционално, ментално, па дури и физичко повлекување во својот интимен свет на живеење.

За да ја отстраниме енергетската блокада, потребно е да ги прифатиме болките и страдањата произлезени од минатото и да имаме јасна согледба на состојбата во која се наоѓаме.

Прифаќањето и увидот ќе поттикнат опуштање и ослободување од емоционалниот притисок и разбирање на коренот на проблемот, а тој најчесто е производ на негативниот став, погрешното убедување или на верувањето во туѓи недобронамерни сугестии.

Незадоволството од актуелната состојба и увидот во сопственото живеење се клучните основи на дејствувањето и создавањето позитивна промена. Откако ќе погледнеме внатре во себе и ќе ја откриеме вистинската причина за нервната напнатост и вознемиреност, ќе почнеме да се движиме кон излезот од кризата.

Најголемата опасност произлегува од одржувањето на навиката да опстојуваме со тело на болка. Кога постојано произведуваме хормони на стрес, создаваме и серија негативни емоции, кои активираат зависност. Таквата околност предизвикува еден да биде зависен од расправии, друг од ниски страсти и пороци, трет од љубоморни изблици, четврти од самосожалување или од критичко однесување итн.

Излезот ќе го пронајдеме ако вметнеме надеж во душата дека постои решение за очајот, немирот и за разочарувањето. Клучот е во комбинирањето на трите категории: прифаќање, верување и предавање. Колку повеќе ќе прифатиме, веруваме и ќе му се предадеме на текот на животот толку побрзо ќе оствариме афирмативни резултати.

Секое опсесивно врзување за проблемот може да создаде преувеличување на маките и страдањата и страв од перспективите на иднината.

Многу е битно како им пристапуваме на ограничувањата и на искушенијата.

Предвременото потпишување капитулација не носи добро, а најмалку излез од кризата.

Постои една зен изрека што вели: „Човекот не се дави затоа што паднал во реката, туку затоа што останал под површината“. Болките и страдањата се составен дел од судбината, но од поединецот зависи дали ќе биде слаб, пасивен и плашлив во справувањето со животните проблеми и тешкотии.

Исходот на борбата неретко зависи од стремежот да се успее, да се победи и да се пројави силен карактер во екот на најголемите ограничувања. Некои потклекнуваат, рационализираат и бараат оправдување за своите слабости, додека други храбро се борат и вложуваат во вистината, правдината и во позитивните аспекти на судбината.

Оптимизмот, вербата и надежта се моќни алатки за извлекување од страдањата.

Позитивната психологија укажува дека „ништо не е завршено додека не заврши сѐ“. Дури и да стигнеме до работ на пропаста или кога сме при самото дно, неопходно е да бараме решение и да веруваме дека ќе успееме да се извлечеме од проблемите. Честопати сè си доаѓа на свое место, само треба да помине време за да спласнат емоциите и за да се надминат болките.

Во растроена состојба на умот, страдаме од недостиг на трпеливост. Наместо да размислуваме опуштено и лесно, ние го правиме тоа со напор. Трепериме и се вознемируваме. Импулсивни сме и своеглави. Анксиозни сме и строги кон себе и кон другите. Кога сме полни со јад, чемер и тага, тогаш неизбежно страдаме. Кралот Соломон има кажано: „Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува“.

Состојбата на афект, беспомошност и фрустрираност иницира да гледаме проблеми и таму каде што ги нема. Доколку е стеснета нашата свест, нужно се лимитира и моќта на забележување и толерантно однесување. Во такви моменти е потребно да се смириме, да избегнеме бурни реакции и разумно да ги согледаме причините за стресот и за незадоволството. Во Новиот завет е запишано: „Кроткиот и смирен дух (кој не е нервозен или вознемирен) е многу драгоцен во погледот на Бога“.

Кога сме во мир со самите себе, спиритуално проникнуваме во агенсот што се нарекува космичка интелигенција. Тоа ни овозможува да веруваме дека ако бидеме доволно смирени и бидеме доволно трпеливи, ќе го најдеме вистинскиот одговор веднаш зад аголот. Лао Це кажал: „Музиката во душата може да ја слушне целиот универзум. Ако мислата ви е добра, душата распеана и спокојна –позитивната енергија од универзумот лесно ќе дојде до вас“. Асоцијацијата е да веруваме во Божјата промисла, да научиме да ги читаме знаците на сопствената душа и да не отстапуваме од патот што води кон смиреност, среќа и кон хармонија.

Молитвата е пат што овозможува отворање на душата, доверување и примање радост. Кога чувствуваме душевна болка, треба да посетиме духовен храм и да ги насочиме своите мисли и емоции кон Бога. Чудата се случуваат за лицата што искрено и посветено веруваат во божествените милост и добрина. Тие знаат дека чинот на промена доаѓа со прифаќањето, покајувањето, простувањето, себепочитувањето и со создавањето ново посреќно Јас.

ИЗДВОЕНИ