ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: (Не)среќна судбина

1536

Не постои поединец што не се заинтересирал каква ќе му биде судбината во периодот што следува. Човекот е зависен од времето. Затоа најмила форма на размислување му е „каква ќе ми биде иднината“. За остварување среќа, успех и хармонија, неопходно е да постои корелација меѓу индивидуалната и колективната благосостојба.

Индивидуалната среќа е клучна за воспоставување колективно ниво на напредок и благосостојба. Колку што се посреќни луѓето толку напредува општеството. Поединецот што се чувствува фрустрирано, негативно и несреќно, многу тешко може да придонесе за туѓата среќа и за колективниот напредок. Затоа, клучно е да се прашаме: „Што ме прави среќен и како да постигнам внатрешен мир, хармонија и позитивна енергија?“

Не постои поголемо задоволство од воспоставувањето мир со самите себеси и од акумулацијата на позитивна енергија.

Откако ќе допреме до позитивните мигови, тогаш нашето срце ќе биде опфатено со љубов, а нашиот живот со хармонија. Во тој поглед, нашиот фокус треба да биде насочен кон психофизичката балансираност (хомеостаза), креативното дејствување, позитивните релации со блиските, личниот развој и чувството на самовредност.

Проблемите и промените се клучни алатки на вечноста, тие никогаш не престануваат да дејствуваат. Сѐ во животот е подложно на промена, така што ако правилно управуваме со промените, успешно ќе се справуваме со проблемите. Како што е кризата шанса за отворање нови можности така и промената е пат за создавање ново, посреќно Јас. Без лични промени и подобрување на психофизичката состојба на личноста, илузорно е да се надеваме дека сѐ ќе биде добро. На колективен план, долго време сме под влијание на законот за преживување, наместо да се ориентираме кон законот за креативно дејствување. Време е да ги препознаеме сопствените вредности и да престанеме да им робуваме на проблемите, туку да тргнеме кон промени. Едукацијата, духовниот развој, ослободувањето од погрешните матрици на размислување, дистанцирањето од негативните вибрации, справувањето со потиснатиот гнев и надминувањето на тагата, апатијата и на несигурноста треба да преставуваат клучна цел за излез од личната и од колективната криза. Махатма Ганди има кажано: „Биди промената што сакаш да ја видиш“.

Да се биде ранлив, исплашен и малодушен претставува смрт за духот и слабост на вербата.

Судбината се гради со силината на вербата, со фокус кон духовното и со креирање на позитивното. Постојаното стравување дека може да биде уште полошо, дополнително го актуализира и зајакнува лошото. Сѐ додека се плашиме од животот, се плашиме и од смртта. Затоа треба духовно да се разбудиме и да сфатиме дека нечестивата енергија ги држи луѓето во постојан стрес, страв, заспаност и несигурност.

Чувството за правда, солидарност, толеранција, разбирање и емпатија се клучните категории на универзалната етика. Современиот начин на живеење наметнува сосема поинакви концепти на функционирање. Алчноста, раскалашеноста, егоизмот, агресивноста, површноста, партизираноста, непотизмот, манипулациите и глупостите се на цена, предизвикувајќи општо чувство на недоверба во другиот човек, но и во институциите на државата.

Без оглед на лошите општествени околности, со оптимизам треба да тргнеме кон нови предизвици и да веруваме дека сѐ ќе биде добро на крајот. Моќта на умот и силната верба го трасираат патот кон внатрешната среќа. Силната верба создава чуда и отвора нови посреќни страници! Кога веруваме во сопствените вредности и правиме сѐ што е во наша моќ за да се извлечеме од кризата или за да постигнеме хармонија, тогаш потенцијалите на успехот рапидно се зголемуваат. Како прва задача што треба да ја имаме на ум е помалку да зависиме од надворешните фактори, а повеќе да се потпираме на сопствените сили.

Барањето други да нè направат среќни, претставува илузија, која прави да станеме уште понесреќни. Мнозина се лажат себеси дека со завршувањето на одреден лош циклус, ќе почне голема преродба во која среќата и задоволството ќе ги надвладеат апатијата и фрустрацијата.

Судбината ќе се подобри со работа на себе и со надминување на негативните матрици на размислување и на однесување.

Едно е сигурно: ништо не е случајно и сè е производ на причинско-последичната законитост. Каузалитетот суптилно управува со човечките животи, потенцирајќи ја предвидливоста, но не и детерминираноста на случувањата. Значи, предвидливо е дека ќе пропаднеме на колективен план ако: не внимаваме и го уништуваме општото добро; ги разграбуваме вредностите и ја негираме националната посебност; крадеме и ја уништуваме екосредината; не работиме на вистинската едукација на младите; не инвестираме во здравствената заштита на населението; не практикуваме професионална должност и одговорност итн. Тогаш распадот на системот нема да произлезе однадвор, туку ќе се уништи однатре.

Дали е детерминирана (предопределена) таквата стварност? Секако дека не е, туку е резултат од неследењето на етичките начела и од немањето чувство за колективна среќа и за национален напредок. Затоа, освен пројавувањето желба да ни биде добро нам (како индивидуи), неопходно е да посакаме да биде добро и на општествен план. Не е штосот во тоа само една мала група да има привилегии, туку сите членови на една заедница да се чувствуваат среќно, исполнето и задоволно што придонесуваат и живеат во инклузивно општество. Инаку, неправдата и тесните интереси ќе предизвикаат голема горчина и ќе го интензивираат убедувањето дека само навидум сме свои на своето; треба да станеме самосвесни, да престанеме да развиваме робовски менталитет и почесто да читаме и размислуваме за нештата што ги предочуваат мислителите, кои нудат помудри мисли. Слепото прифаќање на сè што се сервира во јавноста (медиумите) само ќе ги зголеми нашите несигурност, загубеност и подложност на лаги и на манипулации.

Според религиозната етика, низ целото создание ние гледаме како се спротивставуваат дуалните сили на доброто и на злото една на друга: Бог ја создал љубовта, сатанската сила ја создала омразата; Бог ја создал несебичноста, сатанската сила ја создала себичноста; Бог го создал мирот, сатанската сила ја создала дисхармонијата.

Новиот животен циклус нека биде почеток за заземање страна. Страната на која ѝ припаѓаме со своите дух, вера и национална традиција, води кон мир, поврзаност, духовна будност, почитување и поврзување со луѓето на светлината, љубовта и на хармонијата. Енвироментализмот смета дека животната (социјална) средина во голема мера зависи од формите на (не)човечкото однесување. Повеќето од луѓето носат во себе одредени одлики на општеството. Врз какви вредносни постулати почива општеството, такви ќе бидат и членовите на заедницата. Доколку во општеството преовладуваат неправдата, алчноста, негативноста, корупцијата, зависта, гневот, немирот и затапеноста, тогаш и свеста на луѓето ќе инклинира кон тие нешта.

И покрај лошите состојби, кои се веќе 35 години присутни во нашето општество, сепак глобално гледано, сите ние живееме во свет исполнет со ниски страсти, со страдање, со алчност, со насилство, со страв и со општо присутен стрес. Особено младите се под удар на агресивните пориви и на лошите определби: конфликтите да се решаваат со насилни средства.

Човекот во кој повеќе нема насилство од кој било вид, максимално се разликува од негативците определени да ги повредуваат другите. Радоста произлезена од помагањето и хуманоста јасно се разликува од уживањето во насилството, од непријателствата и од стравовите што тие агресивни пориви ги активираат. Незадоволството од самите себеси, недостигот на љубов и емпатија и чувството на навреденост се едни од најголемите предизвикувачи на вербалното и на физичкото насилство. Доколку не ги неутрализираме насилничките пориви, човештвото вечно ќе живее во неслога и ќе се доведе пред амбисот на самоуништувањето.

Заклучокот е да не ѝ се препуштаме на агендата исполнета со разни аномалии во светот во кој живееме, туку да се фатиме за работа и да го ослободиме сопствениот живот од таквите програмирани и натрупани слабости.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор) 

ИЗДВОЕНИ