Умот на човекот поседува фасцинантна моќ само треба да го насочиме кон афирмативни цели и позитивни активности. Високата технологија и научните достигнувања можат уште повеќе да ја зголемат моќта на умот.

Според теоретскиот физичар Мичио Каку, во невронауката се спроведуваат голем број значајни експерименти што темелно го менуваат целокупниот научен пејзаж. Со помош на силата на електромагнетизмот, научниците сега можат да навлезат во мислите на луѓето за да ги истражат, можат да испраќаат телепатски пораки, телекинетски да управуваат со предмети што се наоѓаат во наша близина, да снимаат сеќавања, а можеби и да ја зголемат нашата интелигенција. Веројатно најнепосредната и најпрактичната примена на овие нови технологии е нешто што некогаш било сметано за безнадежно невозможно – телепатијата.

Сега телепатијата е предмет на интензивни истражувања на универзитетите низ светот, каде што научниците веќе имаат можност да користат напредни сензори за читање посебни зборови, слики и мисли од мозокот на луѓето. Со помош на ЕКОГ (електрокортикограм) жртвите од мозочен удар и другите несреќи, кои се целосно парализирани, ќе можат да „зборуваат“ преку гласовни синтисајзери што ја препознаваат мозочната шема на посебните зборови. Научниците можат да вметнат чип во мозокот на пациент кој е целосно парализиран и да го поврзат со компјутер, па така, пациентот може само со мисла да прегледува на интернет, да чита и пишува електронски пораки, да игра видеоигри, да ја контролира својата инвалидска количка и да се служи со механички раце, смета Мичио Каку.

Познато е дека космологот Стивен Хокинг комуницирал преку невропротетски уред прикачен на неговите очила. Тој можел да ги поврзе неговите мисли со компјутер, одржувајќи го на тој начин својот контакт со надворешниот свет.

Научниците од ИБМ тврдат дека ќе ја користиме моќта на умот за да комуницираме со компјутерите, телефонираме, да ги плаќаме сметките преку кредитни картички, да возиме автомобили, да закажуваме состаноци, да создаваме уметнички дела итн. Во иднина, ние едноставно ќе можеме да даваме умствени команди, а нашите желби тивко ќе бидат пренесени од мали чипови скриени во околината, футуристички размислува Мичио Каку.

Човечкиот мозок е „предвидувачка машина“, а најважното нешто што го прави е создавањето на иднината. Човекот има способност да ги предвиди перспективите на иднината и да проникне во причинско-последичната врска на минатите случувања. Симулирањето на иднината со помош на лекциите од минатото е основната причина поради која луѓето станале интелигентни.

Светот на иднината ќе биде свет на умот. Сите ние сме родени со одредени способности програмирани во нашите гени и структурата на нашиот мозок. Но, тоа како ги организираме нашите мисли и искуства за да ја симулираме иднината е нешто што е целосно под наша контрола. Научно е докажано дека нервните мрежи претставуваат збирки од неврони кои постојано се преповрзуваат и ги зајакнуваат своите врски, откако ќе научат некоја нова задача.

Со новите истражувања на мозокот, една работа станува сè појасна: кога учи, самиот мозок се менува. Иако бројот на мозочни клетки во кортексот не се зголемува, секојпат кога ќе научите некоја нова задача врските помеѓу невроните се менуваат. Учењето суштински ја менува структурата на мозокот. Како што кажува поговорката: Со вежбање до успех.

Покрај посветеноста и напорната работа, неопходно е умот да го програмираме со позитивни мисли и да веруваме дека ќе постигнеме успех. Нашето размислување, нашето однесување и нашите чувства ја прават нашата личност. Емоциите се тесно поврзани со мислите. Кога сме преокупирани со лоши искуства од минатото или со песимизам гледаме на иднината, тогаш го спречуваме нашето битие да се врати во рамнотежа.

Главниот проблем е кога премногу се фокусираме на емоционалната болка и живееме со траумата. Таа не е лошото што ни се случило, туку тоа што се случува во нас, како резултат на тоа што ни се случило. Траумата не е состојба од која никогаш нема да се ослободиме, туку болно животно искуство со кое мора да се соочиме. Поради доживеаните трауми, човекот е постојано во фаза на хипербудност, бидејќи стравува дека лошите искуства би можеле да му се повторат.

Мислите ги создаваат чувствата, а чувствата ги поттикнуваат мислите. Колку емоционалниот коефициент на одреден настан во нашиот живот е поголем, толку споменот од тој настан ум ќе биде потраен. На тој начин, во нашиот ум се создава долготрајното помнење.

Преголемото помнење може да предизвика да ги помниме и сите неуспеси и болки. Научно е докажано дека добро помниме настани што се поврзани со некоја силна емоција. Научниците проучуваат одредени лекови што би можеле да ни ги избришат трауматските спомени што постојано нè прогонуваат и нè вознемируваат. Мичио Каку укажува дека во 2009 година, холандски научници објавија дека откриле нов начин на употреба на еден стар лек, наречен „пропранолол“ што може да дејствува како „чудотворен лек“ за ублажување на болките поврзани со трауматските спомени и ужасните несреќи. Ова откритие предизвика големо медиумско внимание, во светлината на илјадниците луѓе кои страдаат од посттрауматско стресно нарушување. Сепак, имаше етичари кои не ја оспоруваа неговата ефективност, но се лутеа на самата идеја за лек за заборавање, затоа што сеќавањата постојат со некоја цел. Дури и непријатните спомени, велат тие, служат за некоја поголема цел и создаваат искуства од кои може да научиме значајна животна лекција. Лекот не доби поддршка од Претседателскиот совет за биоетика.

Научните достигнувања, технолошкиот напредок и вештачката интелигенција можат да им помогнат на луѓето во решавањето на егзистенцијалните проблеми поврзани со здравјето, работата и финансиите. Но, високата технологија може да придонесе војните да бидат уште пробрутални. Човекот е кадарен за благородни достигнувања и хумани дејствија, но и за деструкција и повредување на другите.

Во магазинот „Вајард, авторот Бил Џој ја предочил смртната закана со која се соочуваме од напредната технологија:

– Еден ден, вирусите добиени со биоинженеринг би можеле да избегаат од лабараториите и да предизвикаат пустош во светот. Затоа што овие животни облици не можете повторно да ги заробите, тие би можеле неконтролирано да се размножат и да предизвикаат смртоносна чума на планетава, полоша и од онаа што владеела во средниот век.

– Еден ден, роботите ќе ја преземат контролата и ќе го заменат човештвото. Тие ќе станат толку интелигентни, што едноставно ќе го оттурнат човештвото настрана.

Согледбите на Бил Џој се дека најголема опасност може да произлезе од роботиката, генетскиот инжинеринг и нанотехнологијата. Сигурно, признава Џој, овие технологии би можеле да донесат олеснување за некои страдања, гледано краткорочно. Но, на долг рок, придобивките ќе бидат засенети од фактот што тие би можеле да предизвикаат научен Армагедон кој би можел да биде пресуден за човештвото.

Сепак, како што пишува Мичио Каку во книгата „Иднината на умот“: Главната закана со која се соочуваме од технологијата – онаа што убила милиони луѓе, не се убиствените роботи или полудените наноботи кои излегуваат од контрола, туку тоа е нашиот нездрав животен стил, кој создаде речиси епидемиски нивоа на дијабетес, дебелина, срцеви заболувања, рак итн. А ова е проблем кој самите си го предизвикуваме.

Како и да е, ако моќта на умот не се насочи кон позитивни цели и нè пробуди етичка свест, тогаш судбината на човештвото ќе се соочи со очигледна можност за негово самоуништување. Иако вулканските ерупции, земјотресите и метеорите би можеле да бидат фатални за човештвото, нашите најголеми стравови би можеле да се остварат преку катастрофи предизвикани од човекот, како што се нуклеарните војни или вирусите добиени со биоинжинеринг.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)