Одржувањето на позитивната енергија е вистински предизвик за современиот човек. Никогаш во историјата на човештвото немало толку души духовно изневерени, емоционално оштетени и енергетски исцрпени, поради културолошката загаденост во која живеат.
Етиката сè поретко ја има, за разлика од неморалот и лошите примери кои се максимално присутни. Се загуби чувството за општо добро и постои отсуство на срам, особено кај поединците што извршуваат високи општествени функции. Доминира ерозијата на интелектуалната вредност. Ниското ниво на свест предизвика алчноста, себичноста и површноста да имаат превласт над алтруизмот, емпатијата и духовноста. Стресот, апатијата и незадоволството се на сцена. Луѓето станаа малодушни и исплашени за својата иднина.
Опстојуваме во свет кој не само што е полн со неморал и неправди, туку и да се биде во него стана многу непријатно.
Мнозина се жалат дека психофизичкиот замор, несигурноста и анксиозноста го дисхармонизираат нивното секојдневно расположение и ја лимитираат нивната способност за креативно работење. Сето тоа е последица на изневерените очекувања, на егзистенцијалните притисоци и на негативниот начин на размислување. Тие се резултат и на една продолжена, хронична стресна состојба, која предизвика голем број од луѓето да бидат водени од законот на преживувањето, отколку да бидат насочени кон духовното воздигнување на личноста.
Животните тензии и притисоци наметнаа потреба за надополнување и сочувување на својата енергија и избегнување релации со лица што негативно влијаат врз нашата личност. Клучниот чекор е духовно да се надградуваме, да читаме едукативна литература и да се дистанцираме од негативните вибрации. Тие може да се манифестираат преку загадениот воздух; неквалитетната исхрана; стресот; електромагнетните влијанија; сообраќајот; контакт со луѓе кои нè токсицираат; медиуми кои исклучиво пласираат пропаганда и негативни информации итн. Негативните вибрации може да произлезат и од семејните односи, особено ако некој константно нè критикува и енергетски нѐ исцрпува.
Сето тоа може психофизички да не разнебити и да го оневозможи развојот на нашата личност.
Енергијата ја добиваме од храната, сонот и вежбањето, а може да ја загубиме доколку трпиме мобинг на работното место, константно слушаме и гледаме жалопојки, висиме на социјални мрежи, преферираме долги разговори на телефон и станеме зависник од разни пороци. Овие нешта се подмолни уништувачи на нашиот мир и здравје.
Голем број од луѓето не знаат како да се извлечат од вителот на негативните вибрации и од наездата на вознемирувачките информации. Мнозина се во егзистенцијално бунило и не веруваат дека нештата можат да се подобрат. Кога доминираат песимизмот, стравот и негативизмот, тогаш многу тешко може да се постигне мир и хармонија.
Без оглед на ограничувачките околности, решение за излез од кризата мора да се бара.
Едно од решенијата е што почесто да престојуваме на планинско место каде преовладува натуралната енергија, мирот и хармонијата. Заболеното општество во кое живееме бара од нас максимално да ја подигнеме својата свесност и будност и да преиспитаме со кого си имаме работа. Главна цел треба да ни биде сочувувањето, акумулирањето и подигнувањето на нашата енергија, во насока на креативните и афирмативни потенцијали.
Енергијата е најскапоцениот ресурс на постоењето, без која нема да опстанеме. Во кинеската медицина, суптилната енергија се нарекува чи, кај Јапонците ки. За хавајските кахуни, тоа е мана, кај индиските следбеници на јогата и ајурведата го носи името прана, американските Индијанци ја нерекуваат ни, а за Африканските шамани е нум. Сега во науката е широко распространет терминот биополе, а современата медицина таа сила ја нарекува психичка енергија.
Австралијските Абориџини веруваат дека луѓето усогласени со суптилната енергија можат да лекуваат и телепатски да се разбираат.
Суштината е повеќе да вложуваме во својата позитивна енергија, а помалку да бидеме под удар на лицата што шират негативна енергија. Во денешно време, многу полесно им е на луѓето да рефлектираат незадоволство (негативизам), отколку да размислуваат афирмативно и да дејствуваат позитивно.
За да го промениме својот живот, потребно е да ја промениме својата енергија – да направиме суштинска промена во својот ум и емоции.
Луѓето најчесто не се такви, какви што се претставуваат или изгледаат. Чувствувањето на нивната енергија ја открива комплетната слика. Мошне битно е да другаруваме со лица што манифестираат позитивна енергија. Во тој поглед, неопходно е да знаеме кои се знаците на позитивната енергија кај луѓето. Позитивците зрачат со ведрина, спокојство, сочувство и поддршка. Секогаш кога сте во нивна близина се чувствувате сигурно, опуштено и убаво. Вашата енергија, оптимизмот и топлината на душата се зголемуваат.
Мошне корисно е да ги знаете и карактеристиките на лицата што манифестираат негативна енергија. Честопати кога ќе бидете во одредена релација со овие поединци ќе имате чувство дека сте потценети, омаловажени, нервозни или напнати. Тие зрачат со одбојни вибрации, затоа вашата енергија ќе почне да опаѓа, така што едвај ќе чекате да побегнете од нив. Ако некој ја исцицува вашата енергија, значи дека не е за вас. Окупирањето со негативноста на другите, нужно ќе ве навлече кон тоа што тие го сакаат – ментални борби и расправии. Треба да знаете дека бескорисно е да се живее според очекувањата на другите, тоа само ќе ве направи нервозни и несреќни.
Животната мудрост подучува: Добрите луѓе ви даваат среќа, лошите – искуство. Најлошите луѓе ви даваат лекции, а најдобрите – спомени.
Американскиот енергетски терапевт Џудит Орлов потенцира дека најмногу страдаат лицата што се интуитивни емпати, затоа што силно ги чувствуваат и се соживуваат со болките и страдањата на другите. Тие го впиваат целиот нивен стрес во својот организам и се подложни на акумулирање на негативни енергетски вибрации произлезени од лични или колективни трауми. Кога поседувате силна емпатија, вашето срце лета кон лицето што е во неволја, смета Џудит Орлов. Според неа, главните симптоми на интуитивното преоптоварување се: депресија, психосоматски болки и прекумерно консумирање храна. За да ја повратат својата енергија и постигнат спокојство, интуитивните емпати честопати имаат потреба од осаменост. Овие лица се пречувствителни на бучава, на гужва и на прегласно зборување.
Во животот е мошне битно да креираме најразлични решенија за справување со стресот, за надминувањето на траумите, за елиминирање на разочарувањата, за заштитување од злото и негативните вибрации итн. Суштината е низ себенадградба, читање едукативни книги и духовност да создадеме афирмативни алатки за подигнување на свеста, за зајакнување на личноста и за воспоставување мотивација, визија и позитивна енергија.
Како што напишал јапонскиот зен-монах Шунмио Масуно: „Чинот на напуштање, на ослободување од менталните и од физичките оптоварувања, од тешкотиите што нè влечат надолу е исклучително тежок. Целосното подобрување на нашата енергетска состојба подразбира време и напор“.
Не можеме да го смениме тоа што се случило во минатото, но во наша моќ е да решиме како ќе се однесуваме кон тоа што се случува во мигот на сегашноста. Најголемата мудрост произлегува од согледувањето на стварноста таква каква што е и од способноста да се заштитиме од напливот на негативните вибрации. Самите одлучуваме како ќе го живееме животот и со какви лица ќе одржуваме интимна близина.
Во меѓучовечките односи најважна е хармонијата и споделувањето на енергијата. На сите ни е потребна поддршката од другите луѓе и ние успеваме да се пробиваме низ животот благодарение на благородните и позитивни лица.
Најдобриот начин да станете подобри и поуспешни е да се опкружите со позитивни и благопријатни луѓе. Тие ќе ве мотивираат да станете посреќен и духовно побогат човек.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)