ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Избор на доброто

79

Стресот сѐ повеќе го разјадува современиот човек предизвикувајќи му анксиозност, психофизичка напнатост, страв и депресија. Стравот се појавува кога чувствуваме лична загрозеност и егзистенцијална несигурност. Сите овие нешта предизвикуваат отуѓеност меѓу луѓето, недоверба во себе, во другите и во државниот апарат. Мнозинството граѓани ја загубија надежта, бидејќи сфатија дека наместо да оди кон прогрес и да создаде предуслови за подобра живејачка, општествената ситуација станува сѐ полоша.

Голема доблест е да се дејствува според начелата на моралот, духовноста и мудроста во општество што исклучително ретко ги пропагира, почитува и препознава овие вредности. Потребно е врвно знаење да се биде дистанциран од негативните вибрации на околината и да се задржи присебноста во миговите кога доминираат неправдата, неморалот и деградацијата на професионалната должност и одговорност.

Константната подложност на стресогените фактори создава внатрешен немир, предизвикува разни болести, апатичност и страв од перспективите на иднината.

Иако е нереално да очекуваме дека може современото живеење, кое е опфатено со многу промени, борби, тешкотии и неизвесност, да биде имуно на стрес, страв и отуѓување, сепак секој човек посакува стресот и разните егзистенцијални притисоци што помалку да бидат присутни во неговиот живот. Во тој поглед, проблемот не е во стресот (кој сѐ повеќе станува наша судбина), туку во тоа како реагираме на стресните ситуации и притисоци.

Гледано од духовен аспект, нужно се поставува прашањето каков би бил овој свет доколку сѐ е совршено во него, дали би можеле да зборуваме во тој случај за еволуција на свеста, духовен напредок и за пат што води кон хармонија на душата.

Понекогаш средбата со негативното и соочувањето со страдањето се можност за духовно будење и осознавање кон какви животни цели ја водиме својата личност.

Борбата на доброто со злото е насекаде околу нас, па дури и во нас. Човекот одлучува кон што ќе се насочи и какви вредности ќе застапува. Многумина се определиле идеја водилка да им бидат алчноста, егоизмот, ниските страсти, уништувањето на општото добро и служењето на лошата енергија. Некои други, пак, ја бараат својата животна цел и смисла во позитивните вредности, придонесот за општото добро, духовноста, етиката и во воздигнувањето на категориите чесност, хуманост и одговорност.

Можеби уздите на владеењето, управувањето и на контролирањето се во рацете на одредени нечестиви, кои на свој препознатлив (или прикриен) начин во преден план ги експонираат концептите на материјализмот, духовната неосвестеност, површност и алчност. Тие сметаат дека сите луѓе се исти и дека не постои човек што не би ги искористил привилегиите и можностите да украде од општото добро, да им се предаде на ниските страсти и да ги обезвредни начелата на етиката и чесноста доколку знае дека ќе помине неказнето за таквите недела. Нивната теза е дека преовладува максимата „што ми е грижа за другите, битно мене да ми биде добро“. Одговор за таквите поединци може да пронајдеме во мислата што ја искажал физичарот Алберт Ајнштајн: „Доколку луѓето се добри само затоа што се плашат од казна и се надеваат на награда, навистина сме за жалење“.

За разлика од социјалистичкото општествено уредување, кое ги истакнуваше во преден план колективизмот и јакнењето на системот на државата, капитализмот ги наметна индивидуализмот и тезата дека „секој е одговорен за сопствениот живот“. Тоа предизвика социјална нееднаквост и трупање огромен капитал во рацете на привилегираните поединци од бизнис-елитата, естаблишментот и од политиката. Мнозинството граѓани станаа алатка за поткусурување, кои ја добиваат својата важност само кога ќе треба повторно и повторно да ги „заокружат“ избраните и умислено посебните.

Оставени сами на себе и подложни на разни манипулации, експлоатација и деградација, голем број од луѓето се прашуваат до каде може да оди отсуството на срам, ненаситност, корумпираност, неодговорност и неизвршување на должноста на т.н. моќници и негативно определени поединци.

Каде е излезот и што треба да направиме за да се заштитиме од сите овие токсични влијанија обвиткани со превезот на „избраноста, легитимноста и озаконувањето“?

Прво што треба да направиме е да научиме да бидеме жилави, отпорни, независни и самосвесни. Филозофот Албер Ками има кажано: „Не е проблем да се биде очаен, полошо е да се привикнеш на очајот“. Да се биде рамнодушен пред неправдите и да се дозволи да бидат уништени нашата индивидуална и колективна самовредност и достоинството од негативните и духовно неосвестени поединци, значи дека ништо друго и не заслужуваме. Секој поединец е должен да се бори за сопствените права и да се надева дека ќе победат правдата, доброто и позитивното. Благосостојбата не доаѓа сама од себе – таа секогаш е плод на личните активности и определби во насока на позитивните настојувања во животот. Пасивноста и дозволувањето негативното да доминира и да го креира нашето живеење укажуваат дека имаме сериозни проблеми со самовредноста и со достоинството на личноста. Сите ние треба да ја имаме на ум размислата на Ајнштајн: „Светот е опасно место за живеење не поради луѓето што се лоши, туку поради добрите луѓе, кои стојат настрана и не преземаат ништо да се спречи злото“.

Значи, треба да се биде активен, храбар, жилав и одговорен, зашто само така може да го победиме злото без оглед од каде доаѓа тоа и со какви средства се служи со цел да нè направи малодушни, ранливи, слаби и зависни. Многу често и ние самите им кумуваме на овие категории, бидејќи не веруваме во сопствените вредности, живееме со чувство на вина и го негуваме самоуништувачкиот синдром преточен низ зборовите „не можам; нема да успеам; не заслужувам; несреќен сум; ништо нема да се смени ако преземам нешто“.

Самопочитувањето и жилавоста на духот се клучни фактори за соочување со незгодите.

Колку сме пожилави, похрабри и порешителни, толку полесно ќе ни биде да станеме, да се извлечеме од кризата и да ја повратиме смислата на нашиот живот. Борбениот и издржлив човек знае да биде истраен во своите цели – тој не се предава и не дозволува негативните вибрации на околината да го стопираат неговото напредување. Моќта да се дејствува кога е најпотребно и да се биде трпелив кога не се најидеални околностите за дејствување е знак на мудро и флексибилно однесување. Адаптацијата на промените и неутрализирањето на ударите на судбината се основни за одење напред во животот. Сите ние треба да се фокусираме на факторите врз кои имаме контрола без да се грижиме за нештата што не можеме да ги контролираме и промениме.

Единственото нешто што постои и е под наша контрола е мигот на сегашноста. Не треба да се грижиме за минатото или за иднината, туку треба да ги цениме работите такви какви што се во овој момент, во сегашноста. Ние сме тука и сега, единствениот момент во кој сме живи е сегашниот момент, велел виетнамскиот будистички монах Тик Нјат Хан.

За да го направиме мигот среќен, исполнет и хармоничен, неопходно е да веруваме во сопствените вредности и да знаеме дека на крајот сѐ ќе биде добро. Колку и да е тешко и какво и да е општеството во кое живееме, ние избираме и одлучуваме како ќе се однесуваме кон мигот на сопственото постоење и кон тоа што го поседуваме.

Највредното нешто што го поседуваме е можноста да избираме. Секој нов миг е можност за нов избор. Од изборот што ќе го направиме зависи во какво општество ќе продолжиме да живееме, со какви вредносни норми ќе се развиваме и какви мигови на среќа ќе воспоставиме.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ