ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Фокус кон иднината

38

Личната криза честопати е производ на натрупани фрустрации, неразрешени трауми, потиснати стравови и негативни емоционални состојби. Многу луѓе чувствуваат внатрешно неспокојство поради спомените за своите неуспеси: финансиски загуби, доживеана навреда, развод, неуспешен љубовен однос, загуба на блиска личност, отказ или потценувачки однос на работното место.

Ако тагува поради грешките во минатото или, пак, се плаши од перспективата на иднината, ако е исполнет со навреденост, гнев, жал и неприфаќање на сегашноста, тогаш човекот троши многу енергија на спротивставување на реалноста. И колку повеќе емоции троши толку побрзо ја разнебитува својата психофизичка енергија. Сѐ додека се бори за да се ослободи од чувството на вина и од немирот што го притиска, човекот нема време ни да помисли на нешто друго. Писателот Антон Чехов има кажано: „Здравиот човек има илјада желби. Болниот само една: да оздрави“.

Лошо расположение е кога без преголема причина манифестираме негативност, цинизам и песимизам. Најлошо е кога ни недостигаат волја, перспектива и мудрост за решавање на проблемите со кои се соочуваме. Кога преовладува чувството на нерасположеност, треба да пуштиме да биде така, да не чепкаме премногу во причините за таквата состојба. Најдобро е да развиваме трпеливост и да ги прифатиме нештата врз кои не можеме да влијаеме (минатото). Она што поминало, не може да се врати. Фокусот треба да биде насочен кон перспективите на иднината.

Човекот учи и се себеразвива низ призма на искуствата, навиките, но и низ осознаените грешки во текот на животот.

Според законот на кармата, секоја погрешка постапка создава лоша последица. Преземањето одговорност за направените грешки е основната лекција за личен развој. Ако не ги отплатиме своите кармички долгови, тогаш правиме уште една нова грешка. Кармичките долгови ќе станат уште поголеми, бидејќи со текот на времето ќе мора да платиме и за новата грешка. Секогаш треба да бидеме подготвени да учиме од сопствените грешки и никогаш не треба да престанеме да се себеосознаваме и да се подобруваме како личности.

Во текот на целиот живот, човекот ја бара внатрешната хармонија, која, всушност, е присутна во него. Тој ќе биде несреќен сè додека не ја најде. Да бидеме во хармонија со самите себе, со нашата судбина и со социјалната средина во која живееме е голем предизвик и една од најважните цели на постоењето.

Мудрите луѓе имаат кажано, кога е завршено нешто, решете дека е завршено – поставете краен рок кога ќе престанете да зборувате или да размислувате за тоа. Корисно е да ги имаме на ум зборовите на кинескиот мудрец Лао Це: „Доколку сте во депресија, живеете во минатото; доколку сте анксиозни, живеете во иднината; доколку сте спокојни, живеете во сегашноста“.

Постојаното барање виновник за лошите искуства во минатото и за негативната состојба во сегашноста не може да донесе позитивни резултати. Наместо да барате одговори, обидете се да се опуштите и да го насочите фокусот кон состојбата на вашата душа. Грижата за сопствената душа е највисоката цел на постоењето.

Имањето јасна цел и визија ќе ви помогне побрзо да излезете од кризата. Само треба да бидете трпеливи и да имате на ум дека ќе се појави решението или одговорот кога најмалку го очекувате, односно откако ќе станете подготвени за воведување целосна промена во вашето живеење.

Додека се потсетуваме на тоа што поминало, додека размислуваме за иднината, сегашниот миг ни бега. Да го слушаме нашиот внатрешен глас. Тоа е најважно. Ако научиме да го слушаме, сѐ ќе ни оди полесно. Тој ќе ни помогне при донесувањето решенија – од подобра исхрана, па сѐ до подобро здравје. Да не ја трошиме енергијата на сегашниот миг за нешто што сме го направиле или не сме го направиле во минатото. Да не се прекоруваме за пропуштените можности. Да се помириме со нашето минато. Да го почувствуваме живиот миг на сегашноста со целата негова полнота, препорачува Јанез Дрновшек.

Човекот е дел од решението и дел од проблемот. Клучно е да бидеме мирни, опуштени и позитивно фокусирани, па нека биде тоа што ќе биде.

Порано или подоцна, секој мора да помине низ трнливиот пат и да се соочи со непредвидливите животни премрежиња. Правилниот избор најчесто е поврзан со високата свесност, но и со осознавањето на позитивните можности и со избегнувањето на лошите влијанија. Позитивните примери покажуваат дека „со ум и знаење може да се извлечеме од разните непријатни состојби на постоењето”.

Нереално е да очекуваме дека постојано ќе доминираат убавите мигови. Честопати на нашиот животен пат се испречуваат многу нешта што може да нè насочат во погрешна насока. Погрешните избори демнат на секој чекор, создавајќи внатрешен немир, тешкотија и напнатост. Едни опстојуваат во дисхармоничен љубовен однос; други не водат сметка за своето здравје; трети се подложни на разни пороци; четврти не ги користат своите таленти и потенцијали за успех во кариерата; петти се преокупирани со болните искуства од минатото итн.

Без оглед на животните кризи и тешкотии, неопходно е нашиот ментален фокус да биде насочен кон убавите аспекти на нашето постоење. Како што напишал големиот писател Фјодор М. Достоевски: „Човекот е склон да ги набројува своите несреќи, но никогаш не ги набројува своите радости. Кога би ги набројувал онака како што заслужуваат, ќе увиди дека секој има доволно среќа во животот“.

Доколку емоционалните болки и страдања се преголеми, потребно е да комуницираме со лице што позитивно влијае на нашиот дух. Слушањето релаксирачка музика, прошетките во природа, разговорот со добронамерно лице, креативната работа, читањето едукативни книги се дел од решението за ублажување на внатрешната вознемиреност.

Што треба да преземеме доколку сме опфатени од емоционален отров?

Метафорички гледано, треба постојано да дотураме чиста изворска вода во духовниот резервоар на нашата личност. Со секојдневно практикување позитивни мисли, со искажување позитивни зборови (афирмации) и со правење позитивни дела, нашата душа ќе се прочисти од емоционалниот отров. Оптимизмот, вербата и позитивниот пристап ќе нè исцелат и ќе нè поттикнат да ја гледаме поубавата страна на животот.

Негативната мисла, стравот, немирот, фрустрацијата и трауматичните искуства создаваат големо неспокојство. Каде е излезот од напливот на негативните вибрации? Дали е возможно прекуноќ да се ослободиме од сите натрупани и потиснати трауми од нашето живеење? Оптимистот ќе каже: „Ќе го исчистам напластениот емоционален отров и сѐ ќе биде како ново“. Но, дали е возможно тоа?

Стресот и фрустрацијата стануваат сѐ поинтензивни, емоционалниот немир, стравот и траумата се вгнездиле во нашиот ум и го дисхармонизираат нашето битие. Колку и да развиваме оптимизам и да манифестираме позитивна волја, честопати нема да успееме да го исчистиме емоционалниот пласт врз нашата душа.

Сепак, постои решение. Тоа произлегува од духовната посветеност, од силната волја, од внатрешната трансформација и од верувањето дека ќе успееме да ја исцелиме нашата душа. Никој не може да нè спаси од болките и страдањата доколку не почнеме да вложуваме во личниот развој и во себехармонизацијата. Како што кажал кинескиот мудрец Конфуциј: „Патувањето од илјада километри почнува со еден чекор“.

Патот кон исцелувањето на душата и кон психофизичката хармонија треба да го започнеме со искажувањето на афирмациите: „Верувам дека ќе се исцелам; верувам во Божјата сомилост за излез од егзистенцијалната темнина; верувам и знам дека сѐ ќе биде добро“ итн.

Пред да ги исцелува луѓето што му пристапувале, спасителот Исус Христос им го поставувал прашањето: „Дали е силна твојата вера?“ Ако одговорот бил дека вербата во Божјата сомилост е силна и посветена, тогаш верникот добивал исцелување, поддршка, помош и поттик за облагородено духовно воздигнување.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

 

ИЗДВОЕНИ