Што претставува животната енергија, како да ја надополниме и да се избориме со сите оние црпители на животната енергија?
За да постигнеме високо ниво на внатрешна хармонизираност и виталност, неопходно е духовно да се разбудиме и да се ориентираме кон позитивните аспекти на постоењето. Животната енергија е поврзана со виталноста, оптимизмот, силата и психофизичкиот капацитет на личноста. Поради постојаната подложност на стресогени фактори, некои лица имаат опадната животната енергија и се чувствуваат слабо и дисхармонизирано.
Кога си под удар на хроничен стрес, тогаш кортизолот (хормон на стресот) ќе предизвика твоето тело да ги доминира твоите мисли.
Неразрешениот стрес негативно влијае врз имунитетот и доведува до анксиозност, фрустрираност и изнемоштеност. Кога се соочуваме со проблеми и тешкотии неопходно е да ја сочуваме својата енергија и да нè дозволиме дополнително да се разнебитиме на психофизички план. Дел од решението за излез од кризата е да научиме да се опуштаме и да ги прифаќаме работите врз кои не можеме да влијаеме (минатото). Најбитно е позитивно да размислуваме, да уживаме во убавите нешта и да се насочиме кон сè што овозможува личен развој и будење на животната енергија. Целта е да ја подобриме состојбата во која се наоѓаме и да се заштитиме од злото и негативните вибрации.
Проблемите се појавуваат ако не внимаваме на самите себе и дозволиме другите да се полнат со нашата животна енергија, а ние енергетски да слабееме, да се токсицираме и да пропаѓаме.
Поединецот кој ги научил животните лекции и сфатил дека најглавен биолошки закон е „прво да се грижиме за себе, дури потоа за другите“, нема да дозволи константно да биде манипулиран и деградиран на енергетски план. Законот на природата гласи: Прво јас треба да живеам, а дури потоа можам да се дадам себеси на другите. Треба да имаме на ум дека многу нешта во животот се поврзани со законот на реципроцитетот, така што колку даваме толку треба и да добиваме. Ако ние постојано даваме, а речиси ништо за возврат не добиваме, тогаш нужно треба да ги преиспитаме односите со другите и да го промениме нашиот концепт на однесување.
Постојат луѓе кои зрачат со позитивна енергија, кои се витални и кои посакуваме да бидат во наша близина. Но, има и единки кои се со опадната енергија и кои имаат потреба да исцицаат од туѓата енергија. Поединците кои постојано зависат од туѓата енергија се нарекуваат енергетски вампири. Долготрајното другарување и контактирање со таквите лица, може сериозно да го загрози психофизичкиот капацитет на нашата личност.
Најопасно е кога константно сме под удар на енергетските вампири, од кои поради објективни причини не можеме така лесно да се дистанцираме.
Луѓето со своето биополе вибрираат енергија, некои позитивна, други негативна. Со самото присуство во одредена просторија, човекот манифестира енергетска вибрација која се пренесува и преку говорот, допирот и погледот. Затоа, во присуство на некои луѓе чувствуваме голем замор, тензија и психофизичка блокада, додека со други опуштеност, ведрина и хармонија. Понекогаш со некои лица воопшто не треба да разговараме за да ја почувствуваме нивната песимистичка, депресивна и напната енергија. Доволно е што низ нас поминува студен бран на негативна вибрација, која ни создава слабост, непријатност и внатрешна нервоза.
Во комуникацијата со луѓето, неопходно е да забележиме дали тие во нас поттикнуваат волја, оптимизам, желба за напредување, храброст и самодоверба или само нè бомбардираат со песимизам, апатија и негативна енергија.
Поединците кои постојано негативно размислуваат и ништо не прават за да го променат тоа чувство, можат да бидат мошне опасни за нашето биополе и за енергетскиот хармонитет на нашата личност. Наместо да се сконцентрираат кон убавите и афирмативни нешта, тие постојано се жалат и ги обвинуваат другите за тешкотиите со кои се сретнуваат низ животот. Ако сме им секогаш достапни, ќе се претвориме во енергетско-емоционална депонија на која тие ќе можат да го исфрлаат товарот на своето очајување. Во контактот со таквите енергетски вампири клучно е да поставиме лимит на својата достапност за разговор во врска со емоционалните и егзистенцијални проблеми на соговорникот. Затоа, најпрепорачливо е уште на почетокот да се постават јасни граници и да се потенцира: „не сакам постојано да разговарам за трагедии и неволји“, односно „сега не можам, но другпат сигурно ќе поразговараме“. Можеби овие постапки не се најхумани, но мора да мислиме на сопствената личност и да ја заштитиме својата енергија, посебно кога ќе согледаме дека некои лица постојано се обидуваат да земаат, а со ништо добро не возвраќаат. Не е проблем да се сослуша, да се даде совет и да се помогне на другиот, но лошо е ако тој ништо не спроведува од кажаното и продолжува постојано да се жали и одново и одново да бара помош и внимание.
Во денешно време најмногу страдаат лицата кои манифестираат преголема наивност, доверливост и емоционална отвореност за сè и со секого. Таквите единки неизбежно стануваат жртви, кои не сомневајќи се во туѓите намери, ја поддржуваат негативната личност која бескрупулозно ја црпи нивната енергија.
Многу од енергетските вампири играат на картата „грижа на совест“, со цел во нас да предизвикаат непријатно чувство, доколку не сме им излегле во пресрет и не сме ги сфатиле „кога им било најтешко“. Со желба да ја надополнат својата енергија, „вампирите“ често нè атакуваат и преку интернет мрежата и разговорите на мобилен телефон. На тој начин, константно наметнуваат проблеми, и без оглед што ние им препорачуваме одредени решенија: размислувај позитивно, немој да паѓаш со духот, не е толку страшно, проблемите можеш на следниот начин да ги решиш… тие остануваат глуви за нашите препораки. Но, во текот на наредните денови повторно се јавуваат, со повторување на разговорот околу истиот проблем, следниот ден истиот проблем итн. На тој начин, се полнат со енергија, бидејќи бараат внимание и очекуваат да сочувствуваме со нив и да ги разбереме „колку им е тешко“. Тие не сфаќаат дека најпродуктивното надополнување на енергијата не произлегува однадвор, туку исклучиво однатре, односно од себехармонизирањето и од позитивното дејствување.
Според Астрогор (руски истражувач на феноменот енергетски вампиризам): „Енергетските вампири неретко ги надживуваат своите донатори, а ние се чудиме што емотивните луѓе многу повеќе заболуваат и побрзо го напуштаат овој свет“.
Последиците од енергетскиот вампиризам се долготрајни, прогресивни и дури опасни за животот на жртвата. Ако навреме не се заштитиме од грабливците на нашата позитивна енергија, може сериозно да ја загрозиме својата психофизичка состојба.
Најдобра заштита од енергетските вампири е да го редуцираме времето поминато со нив. Кога ќе се соочиме со лицата кои зрачат со негативна енергија, едноставно треба да ги заобиколиме и да не дозволиме да се инволвираат во нашата интима. Постојаните борби и докажувања, кој е во право, а кој не е, може сериозно да го загрозат нашето биополе и да ни одземат голем дел од креативната енергија, како и од драгоценото време, кое може да го искористиме за конструктивни и продуктивни цели.
Треба да научиме дека колку повеќе сме внатрешно хармонизирани, толку помалку ќе привлекуваме негативни личности, кои енергетски ќе нè изместуваат. Како и да е, спасот од енергетските вампири ќе го пронајдеме ако ја подигнеме свеста и сфатиме дека најголемата мудрост се наоѓа во себеразвојот и во себезаштитата од сите оние лица и ситуации, кои можат психофизички да нè дисхармонизираат и оддалечат од среќата, мирот и виталноста.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)