Трагичните настани и лошите околности се присутни во животот на сите луѓе предизвикувајќи им страв, несигурност и неизвесност. Потребата за стабилност, сигурност и безбедност станаа нужна потреба и основа на мирното живеење. За да ги постигнеме мирот и напредокот клучно е да преиспитаме од каде следат заканите и потенцијалните опасности за психофизичката хармонија на нашата личност. Токму затоа, заштитата од злото и негативните вибрации треба да биде наш суштински приоритет и цел за помирно живеење. Без дистанцирање од негативните влијанија, многу тешко ќе воспоставиме мир и хармонија. Спасот од лошото е основен предуслов за постигнување на доброто.
- Со будна свест и силна вера до подобра судбина
Писателот Томас Мор има кажано: „Верата е подарок на духот, кој ѝ дозволува на душата да го следи сопствениот развој“. Да се биде верен на вистината, значи да се ослободиме од блаженото слепило на незнаењето. Тоа подразбира да бидеме духовно будни и ментално свесни дека лошите нешта се насекаде околу нас. Духовната неосвестеност влијае луѓето да станат робови на ниските страсти, егото, корупцијата и алчноста. Најголемата мудрост се крие во крилатицата: „Чувај се себеси од другите и чувај ги другите од себе“.
Не постои човек што не се соочил со негативните околности на животот. Од силината на нашиот дух и изграденоста на нашиот карактер зависи дали ќе потклекнеме пред злото или ќе умееме да се справиме со внатрешните слабости и надворешниот негативизам.
Злото демне насекаде околу нас, за жал тоа и премногу се естетизира и прикажува на посебен начин, со голема медиумска покриеност. Познато е дека лошата вест привлекува многу повеќе гледачи и читатели, отколку добрата вест. На тој начин, на човекот му се креира мнението дека злото е тука околу нас и дека мора да го прифатиме како составен дел од животот. Сè повеќе сме сведоци на уривањето на разликите помеѓу доброто и злото, на сè понагласеното релативизирање на злото и на барањето разни оправдувања за сопствените лоши постапки. Манипулациите, интригите, отсуството на срам и алчните пројави сериозно се надвиснуваат врз луѓето, наметнувајќи ги како стил на живеење.
Во тој контекст се наметнува прашањето: Па каде тогаш да го пронајдеме доброто?
На современото општество како да му е најпотребна манихејската, односно богомилската согледба, која укажува дека злото си зазема место низ разни форми на манифестација. Корупцијата уништува животи и создава општо чувство на несигурност. Зар е потребно да анализираме што се случува со порнографската индустрија, каде најголемиот интерес е насочен кон детската порнографија. Каква е перспективата на младите, ако се продолжи со производството и дистрибуцијата на дрога и оружје. Во 21-от век, едни од најисплатливите бизниси се поврзани со белото робје и со продажбата на човечки органи.
- Борба помеѓу доброто и злото
Согледувајќи ги сите овие деградации противтежата мора да ја побараме во доброто, етичкото и одговорното извршување на должноста. Но, каде се наоѓа тоа добро и како да го поттикнеме и да го програмираме во свеста на луѓето?
Со асоцирање и борба против аномалиите, многу поуспешно ќе го трасираме патот кон вредностите. Секој поседува слободна волја и може немоќно да набљудува како злото се наметнува или да дејствува во насоката на позитивните вредности на постоењето. Според Алберт Ајнштајн: „Светот каков што го создадовме е процес од нашето размислување. Не може да се промени без да го промениме нашето размислување“. Кога фокусот на нашето размислување и дејствување ќе бидат начелата на доброто, тогаш можеби нашето општество (светот) ќе имаат шанса да се развиваат во насоката на праведноста, солидарноста и одговорноста.
Човекот треба со „реални очи“ да ги види негативностите во и околу себе и да заземе став што е добро, а што лошо. Како пример ќе ги наведам следниве ситуации од кои јасно се согледува што претставува погрешна ориентација во животот. Имено, доволно е некој неразумен возач брзо и непрописно да го управува својот автомобил и поради тоа да настрада некој друг учесник во сообраќајот; доволно е менаџментот да не стави филтри на индустриските оџаци (или да согорува токсични материи) и да ги загрозат белите дробови на многу граѓани; доволно е на академските студии да предаваат „подобните“ и неквалитетни кадри, па интелектуално да се уназадат цели генерации на студенти; доволно е да не се води сметка за напредокот на компанијата, па да се загрози егзистенцијата на вработените или опстанокот на работната организација; доволно е функционерот да не се интересира за општествениот напредок, па да ја уништи перспективата на својата земја; доволно е вршителите на јавни функции да бидат неодговорни, алчни и корумпирани и поради тоа да настрадаат голем број млади и недолжни граѓани итн. Тоа е реалитетот на негативистичкото дејствување, кое претставува домино – ефект, бидејќи како лавина носи сè пред себе. Поради јасната манифестација на злото, неизбежно се уништува перспективата на заедницата. Корумпираните политичари, судии, обвинители, професори или, пак, алчните олигарси, урбаните мафијаши и нивните одработувачи се дел од најголемите виновници за заболеното општество, во кои сите ние опстојуваме со децении.
Поентата е дека во денешно време се загубија начелата на вредноста и довербата во доброто, така што како да се прифати и релативизира присуството на злото. Ретко некој поврзува од каде во последно време се појави наезда на разни болести и експанзија на анксиозни и депресивни состојби; малкумина анализираат зошто воздухот е сѐ позагаден и позагаден; социолозите треба да преиспитаат зошто има толку многу разводи, уништени семејства, деградации на колективен план и појава на насилства помеѓу младите. Дали е зло, да знаеш, а да не сакаш да го кажеш тоа што го знаеш, а кое може да им послужи и помогне на многу генерации?
- Со неосвестеното добро во себе, луѓето побрзо и полесно ќе итаат кон злото
Ако сакаме себеси да се наречеме хумани суштества, ќе мора да преиспитаме што е добро и каде да го најдеме тоа добро. За жал, неретко кога ќе се случат несреќи и трагедии, тогаш излегува на површина сето добро помеѓу луѓето. Се пројавува човечката солидарност, се прават напори да им се помогне на унесреќените и да се санираат штетите од одредени трагични несреќи, природни непогоди и катаклизми. Кога доминира доброто, треба да се оди кон уште подоброто. Во медиумите недоволно се работи на пропагирање на доброто како вредност, односно како категорија што мора да го надвладее злото. Ако порано било актуелно сфаќањето дека постоело доброто како систем и како вредност, денес имаме проблем да ја наметнеме теоријата дека етиката, позитивното и доброто можат и треба да бидат помоќни од злото и негативното. Своевремено, доброто се асоцирало преку начелата на традиционалните вредности: „чист образ“, почитување на повозрасните, морал и посветеност на семејството, придонес за заедницата, одржување на зборот, гостопримливост и помагање во неволја.
Секогаш треба да имаме на ум дека постојат и добри и хумани луѓе, дека не се сите водени од алчноста, егоизмот, корупцијата и суровоста, туку од верноста на должноста, одговорноста и од потребата за етичко и позитивно дејствување.
Треба да ги препознаеме, воздигнеме и негуваме добрите поединци, зашто колку повеќе натежнува тасот на позитивноста и вредноста, толку помалку ќе бидеме програмирани од злото и негативноста.
Трагедијата во Кочани ги сплоти луѓето (од различни вери и нации) и покажа дека постојат голем број хумани, пожртвувани и доблесни личности. Време е да се свестиме и да разбереме дека негативците профитираат од нередот, а позитивците страдаат поради својата наивност и заслепеност од предрасуди, лажни вредности и квази лидери.