Жителите на Гренланд го кажаа своето: Две партии за независност освоија 55 отсто од гласовите

363
EPA-EFE/MADS CLAUS RASMUSSEN

Централнодесничарската Демократска партија освои мнозинство гласови на парламентарните избори на Гренланд, пренесува The Guardian. Резултатите од изборите се изненадувачки, имајќи предвид дека тие се одржаа во сенка на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд „на овој или оној начин“. Ниту една партија нема доволно гласови за да освои мнозинство во парламентот, па во наредните денови се очекуваат преговори за формирање коалиција.

„Демократите се отворени за преговори со сите партии и бараат единство, особено имајќи го предвид она што се случува во светот“, рече лидерот на партијата Јенс-Фредерик Нилсен, поранешен шампион во бадминтон.

Нилсен откри дека е изненаден од победата на неговата партија.

„Не очекувавме дека изборите ќе доведат до таков резултат, многу сме среќни.

Со преброени 90 отсто од гласовите, Демократската партија, која себеси се нарекува „социјал-либерална“ и повикува на долгорочна независност, доби 29,9 отсто од гласовите, што е несовладлива предност, објави гренландската јавна телевизија KNR.

Следува партијата Налерак со 24,5 отсто. Двете партии се залагаат за независност од Данска, а Налерак е „поагресивен“ во борбата за независност.

„Ние ги почитуваме изборните резултати“, рече сега поранешниот премиер Муте Егеде, кој ја предводи лево-зелената партија Ескими Атакатигиит (ИА). Партијата доби 21,4 отсто од гласовите. Поразот го призна и лидерот на нивниот коалициски партнер, партијата „Сиумут“.

Се очекува идната влада да постави временска рамка за независност што ќе биде поддржана од огромното мнозинство од 57.000 жители на Гренланд.

Жителите на островот, од кои речиси 90 отсто се Инуити, велат дека им е здодевно од тоа што Данска ги третира како граѓани од втор ред и ја обвинуваат дека историски ја потиснува нивната култура, принудува стерилизација и ги зема децата од нивните семејства.

Егеде свика предвремени избори во февруари, велејќи дека земјата треба да се обедини во „сериозно време“ што Гренланд никогаш претходно не го доживеала.

Трамп отворено ја изрази својата желба да го контролира Гренланд, велејќи на заедничката седница на Конгресот минатата недела дека верува дека ќе го добие „на овој или оној начин“.

Гренланд, самоуправен регион во Данска, се протега на стратешки воздушни и поморски патишта во Северен Атлантик и поседува богати наоѓалишта на минерали од ретки земји потребни за производство на сè, од мобилни телефони до технологија за обновлива енергија.

Прашањето за напуштање на Данска не беше на гласачкото ливче, но беше во мислите на сите. Островот со 57.000 жители е на патот кон независноста од 2009 година, а 31 избран пратеник ќе ја одреди иднината на островот кога ќе разговараат за тоа дали е време да се прогласи независност.

Четири од петте главни партии кои учествуваат во изборната трка бараа независност, но беа различни во нивните ставови за тоа кога и како да го сторат тоа.

ИЗДВОЕНИ