„’Жиголо’ е претстава за искреноста. Нешто што многу ни недостига и што сите го посакуваме. Всушност, како нè води неискреноста на еден пат, нè става во еден вител во животот, кој потоа тешко се контролира и од кој не може да се излезе. Се занимававме и со тоа што е сега актуелно, карактери позајмени од видеоигрите, вештачката интелигенција, виртуелниот свет, кои нè ставаат во машина што нè носи во вителот на животот“, истакна режисерот Благој Мицевски за претставата што ќе се одигра утревечер (1 март), во Битолскиот театар

 

Со премиерната изведба на претставата „Жиголо“, според текст на Игор Кузмановски, а во режија на Благој Мицевски, која ќе биде изведена на 1 март (20:00 ч.), Битолскиот театар ја започнува богатата програма од десет премиери годинава. Според директорот Васко Мавровски, проектите ќе се реализираат од средствата од Министерството за култура, но и од сопствени средства, а публиката ќе има можност да види три праизведби, но и претстава за деца, како и за ученици. Претставите, пак, ќе се работат со матични режисери и со гости режисери, а во текот на годинава Театарот планира и промоција на монографија, како осврт на големиот јубилеј – 80 години постоење на Битолскиот театар и театарски претстави на македонски јазик.

Инаку, од Министерството се финансираат претставите: „Црно семе“, според романот на Ташко Георгиевски (праизведба), во режија на Андреј Цветановски; „Кога ние мртвите ќе се разбудиме“ од Хенрик Ибзен, во режија на Оливер Мицевски; „Магбет“ од Вилијам Шекспир, во режија на Сабо Иштван (Унгарија) и „Госпоѓа Бовари“ – Густав Флобер, во режија на Дејан Пројковски. Годинава, по 11. пат ќе се реализира и „Битола Шекспир фестивал“, за кој се доделени 800.000 денари.

Од сопствени средства, пак, ќе се реализираат следниве проекти: „Којзнае зошто?“, според расказот „Сонот на смешниот човек“ на Ф.А. Достоевски, во режија на Дамјан Читкушев, копродукција на Здружението „Купола“ Штип – независна сцена; „Чорбаџи Теодос“ на Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски; „Рибарски караници“ од Карло Голдони, во режија на Јован Ристовски; „Пламенка“, според романот на Петре Димовски (праизведба), во режија на Софија Ристевска-Петрушева, копродукција на ЗИУ Интимен театар Битола – независна сцена; „Пипи Долгиот Чорап“ на Астрид Линдгрен, при што авторската екипа ќе биде избрана преку интерен оглас на НУ Народен театар и претставата „Жиголо“, која ќе се одржи на новата сцена на Битолскиот театар и која е најавена како провокација за публиката, не само поради името туку и поради темата што ја обработува.

Според авторот Игор Кузмановски, се работи за драма комедија што ги поставува прашањата: „Што се сме спремни да направиме за љубовта?“, „Дали постојат граници?“, „Дали сме спремни да преминеме преку нив?“…

„Жиголо“ е претстава што ги брише границите меѓу маската и вистината. Некои приказни се кажуваат, некои се шепотат. „Жиголо“ е онаа што не може да ја избегнете. Ќе ве најде во очите на ликовите… во паузите меѓу зборовите, во она што се гледа, но никогаш не се кажува гласно. Оваа претстава ја истражува тенката линија меѓу улогите што ги играме и луѓето што навистина сме. Желби што се кријат зад фасади, вистини што се разголуваат во мигот кога ќе згаснат светлата…

„Ова е претстава за искреноста. Нешто што многу ни недостига и што сите го посакуваме. Всушност, како нè води неискреноста на еден пат, нè става во еден вител во животот, кој потоа тешко се контролира и од кој не може да се излезе. Се занимававме и со тоа што е сега актуелно, карактери позајмени од видеоигрите, вештачката интелигенција, виртуелниот свет, кои нè ставаат во машина што не носи во вителот на животот“, истакна режисерот Мицевски.

Во претставата играат: Марјан Георгиевски, Соња Михајлова, Марија Стефановска, Маја Андоновска-Илиевски и Никола Пројчевски.

Претставата репризно ќе биде одиграна на 3 и на 4 март. (Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ