Данските власти во понеделникот објавија дека ќе доделат 14,6 милијарди дански круни (1,96 милијарди евра) за зајакнување на нивното воено присуство на Арктикот, во услови на обновен интерес на американскиот претседател Доналд Трамп за контрола на Гренланд, територија под делумна данска администрација.
Трамп овој месец ги повтори своите ставови пројавени уште во неговиот прв претседателски мандат дека Гренланд е од витално значење за безбедноста на САД и дека Данска мора да се откаже од контролата на стратешки важниот арктички остров.
По повеќе од една деценија драстично намалување на трошоците за одбраната, Данска минатата година објави дека ќе инвестира 190 милијарди дански круни (25,4 милијарди евра) во војската во период од десет години, од кои дел сега е пренаменет за арктичкиот регион.
Иако Данска е одговорна за безбедноста и одбраната на Гренланд, таа има ограничени воени капацитети на огромниот остров, поради што се смета за безбедносна црна дупка. Тековните дански капацитети се состојат од четири застарени бродови за инспектирање, авион за надзор „Challenger“ и 12 патроли со санки со кучиња, и сите тие покриваат област четири пати поголема од Франција.
Со ова ќе се финансираат три нови брода на Арктичката морнарица, сателитски надзор и четири беспилотни летала со долг долет, рече министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен на прес-конференција.
Американската војска има постојано присуство во вселенската база Питуфик во северозападниот дел на Гренланд, стратешка локација за нејзиниот систем за рано предупредување за балистички ракети, бидејќи најкраткиот пат од Европа до Северна Америка минува низ островот.