ЖЕШКО НАДВОР, ЖЕШКО И ВО СОБРАНИЕТО: Во сабота почнува избор на нова Влада, гласање до недела на полноќ

132

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја закажа седницата за избор на новата Влада, в сабота во 11 часот, откако ден претходно мандатарот и лидер на

на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во законодавниот дом го достави предлогот за состав на Владата и програмата за нејзината работа.

Собранискиот Деловник предвидува седница за избор на Влада да трае најмногу два дена, што значи гласањето треба да биде најдоцна до недела на полноќ.

Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.

Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24:00 часот. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.

Претседателот на Собранието го известува претседателот на Републиката за изборот на Владата.

Новата Влада, што ја предложи Мицкоски, ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор.

Во владиниот кабинет на Мицкоски, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски е предложен за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија актуелниот градоначалник на Општина Аеродром Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Кочоска-Димитриеска. За заменик-претседател на Владата и министер за транспорт партискиот потпретседател е предложен партискиот потпретседател и пратеник во повеќе мандати Александар Николовски, во ресорот одбрана Владо Мисајловски, пратеник и поранешен министер за транспорт, а за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик-министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски.

Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска во образование и наука, во Министерството за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт ракометарот Борко Ристовски.

Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоилковиќ, претседател на Демократска партија на Србите вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

За министер за животна средина и просторно планирање и заменик-претседател на Владата, е предложен Изет Меџити од коалицијата Вреди, министер за здравство Арбен Таравари, министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, министер за економија Бесар Дурмиши. За министер без ресор и заменик-претседател на Владата задолжен за добро владеење е предложен Арбен Фетаи.

За министер за правда е предложен Игор Филков, додека за министер за јавна администрација Горан Минчев од Движењето ЗНАМ.

Владиниот кабинет на удар на критики поради зголемениот број министерства

Новата влада, која е реорганизирана со законски измени усвоени во Собранието, ќе има 20 министерства, односно четири повеќе од претходниот владин кабинет.

Зголемувањето на бројноста на министерства во новиот владин кабинет на Мицкоски веднаш се најде на удар на критики во јавноста со оглед дека првичните најави кои излегоа од ВМРО-ДПМНЕ по победата на изборите беа дека владата што ќе ја формираат ќе брои 16 министерства.

Дел од експертите реагираат и поради тоа што Мицкоски ги зголеми министерствата на првата собраниска седница за помалку од 24 часа, по скратена постапка без јавна дебата, кога беа усвоени измените на Законот за реорганизација на државата управа, и за кои беше обезбедено двотретинско мнозинство со дел од пратениците од Европскиот фронт предводен од ДУИ. На мандатарот му се забележува и дека формирањето на четири нови министерства е направено за да им се излезе во пресрет на партиските барања или апетити да се грабне дел од колачот на власта.

А, истовремено на удар на критики се и измените на Законот за локална самоуправа, кои, пак, најави дека ќе ги поднесе коалицијата Вреди, со цел да нема предвремени избори во општините чии градоначалници ќе станат министри.

Од коалицијата Вреди предлагаат назначување в.д. градоначалници до одржувањето на редовните избори в година наесен. За законот е потребно двотретинско и Бадентерово мнозинство, а со него се предвидува продолжување на законскиот рок во кој Советот на општината може да именува в.д. градоначалник со оглед дека градоначалниците на Гостивар и на Аеродром, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски ќе бидат дел од идната Влада, а Блерим Беџети кој беше градоначалник во Сарај стана пратеник во Собранието.

Осврнувајќи се на најавените измени на законот за локална самоуправа деновиве професорот Борче Давитковски за Телма изјави дека Уставниот суд мора да реагира по допрен глас и да донесе привремена мерка за стопирање на законот за локална самоуправа и да инсистира актуелната владејачка структура да спроведе регуларни избори за општините во кои градоначалници прават трансфер во извршната власт.

Тој нагласи дека во согласност со Уставот, изборот на претставници на локалнатa самоуправа е право на граѓаните, а не политичките партии.

Владата, на последната седница завчера, на предлог на Министерството за локална самоуправа, ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Одлуката за престанок на мандатот по сила на Закон за градоначалникот на општината Сарај и донесе Одлука за престанок на мандатот по сила на Закон само за градоначалникот на општината Сарај, по верификацијата на неговиот мандат како пратеник.

Инаку, иако беа најавени, засега во Собранието сè уште ги нема измените на Законот за локална самоуправа што планира да ги поднесе коалицијата Вреди.