На овој ден, преку впечатливото оро, преку преубавата носија, и преку зачуваните обичаи, миравчани испраќаат порака до сите добронамерници кои го посетуваат нивното место. Порака за љубов, заемно почитување и помагање. Порака да си го браниме своето и секогаш да бидеме сплотени и да работиме заедно. Исто, како што тоа од пред повеќе од еден век го правеле и нашите предци. Се собирале на сред село и се фаќале на оро, стари , млади, мажи , жени и деца, но и убави моми и стројни ергени
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Со свечено биење на камбаните во саботата на полноќ беше објавена радосната вест за воскресувањето Христово, кое годинава заеднички се слави во целиот христијански свет бидејќи оваа година и римокатолиците на ист ден го чествуваат празникот. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат. Во сите храмови на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се служеа воскресни литургии, а свечена Велигденска миса беше одржана во католичката црква „Пресвето Срце Исусово“.
Христовото воскресение Велигден се смета за најголем христијански празник, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Велигден е празникот над сите празници, чудото кое го слави целиот христијански свет.
Најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение се слави три дена. Утре, на третиот ден највпечатлива е традицијата Ѓура Мара, автентична фолклорна традиција што секоја година се одржува во Миравци.
„Ви го даруваме највредното, сеќавањата кои ни ги топлат срцата, аманетот кој другарува со вековите и иднината“. Со овие зборови и со традиционалното лепче и солца, и годинава младите и постарите жители од Миравци ќе ве пречекаат на третиот ден од Велигден. Ова е едно од најубавите македонски населени места , убаво, не само по природните убавини, туку и по питомите, убави, горди и пред се гостопримливи миравчани. И оваа година во центарот на Миравци, празникот ќе ги собере добрите луѓе од сите страни, кои ќе сакаат да присуствуваат на орото кое ја симболизира македонската вековна гордост и нашиот непокор и достоинство. Згора на тоа, оваа година овој настан е дел од програмата Гевгелија – град на културата 2025, што за Миравци и неговите жители е уште една потврда за значењето на овој традиционален настан кој го има за општина Гевгелија.
За Миравци оваа манифестација значи многу. Од памтивек па сè до денешни дни, секој миравчанец каде и да е, на третиот ден од Воскресението Христово, си доаѓа во Миравци. Да биде со своите најблиски, на своето родно огниште, за да им оддаде почит на постарите и да им ги покаже корените на своите помлади поколенија.
На овој ден, преку впечатливото оро, преку преубавата носија, и преку зачуваните обичаи, миравчани испраќаат порака до сите добронамерници кои го посетуваат нивното место. Порака за љубов, взаемно почитување и помагање. Порака да си го браниме своето и секогаш да бидеме сплотени и да работиме заедно. Исто, како што тоа од пред повеќе од еден век го правеле и нашите предци. Се собирале на сред село и се фаќале на оро, стари , млади, мажи , жени и деца, но и убави моми и стројни ергени.
А, од орото започнало се. Преданието вели дека од сите убави моми, кои пред стотина години, на тоа исто место ги извивале своите витки тела во ритамот на тапанот и зурлите, најубава, најлична и најстарите била момата Мара. И, тука настанале проблемите. Меѓу насобраните луѓе се нашле и тројца Османлии, кои биле заслепени од убавината на Мара. Имале намера да ја грабнат најличната од селото, па затоа двајца од османлиите се фатиле на оро. Едниот од едната, другиот од другата страна а убавата Мара во средина. И додека траела играта, во еден момент, држејќи ја Мара под раце, Османлиите се отпуштиле од орото и влечејќи ја немоќната девојка, почнале да бегаат.
Сето тоа се одигрувало пред очите на братот на Мара, Ѓуро. Тој, без да размислува, веднаш потрчал по Османлиите, а по него тргнале и другите млади и стари селани. Успеале да ги стигнат, се нафрлиле врз нив и по краткотрајна борба успеале да ја ослободат уплашената девојка. Некои велат дека во таа борба, за да ја спаси честа на својата сестра, загинал и Ѓуро, братот на Мара. Некои велат дека Мара, за да не падне во рацете на османлиите, се фрлила во еден длабок дол. Кој знае, како и да било, од тој ден па се до ден денес, во Миравци се одбележува овој настан. На истиот начин, со истите песни и ора, со истите велигденски обичаи.
А, орото Ѓура Мара е специфично. По традиција, него го играат и песните ги пеат само девојки и жени. Орото си има свои чувари, тоа се обично повозрасни жени, кои со стапови, како одбранбени реквизити, ги бранат девојките од несаканите натрапници. Овие постари жени-чувари, на главата имаат врзано бели марами. Ако некој од насобраните мажи се обиде да се фати на орото, овие жени веднаш го бркаат со стаповите.
За да ги прелажат, некои од мажите се обидуваат да се преправат во жени, облекувајќи се во женска носија, но редовно се откриваат и ги бркаат. Пред да почне орото, жените ги пеат песните – „Кинисала девојка-запросила гугувка“, „Ај да го заиграме плетеното оро“ и „Цуцул пасе говеда“.
Организатор на оваа преубава манифестација е едно од најстарите културно-уметнички друштва во Македонија, КУД „Танец“- Миравци, кое е формирано во 1932 година. Еве што за ВЕЧЕР, во пресрет на оваа манифестација , ни изјави претседателот на друштвото Мицо Јакофовски:
„Ги поканувам сите добронамерници да дојдат во Миравци, за уште еднаш да се потсетиме на нашето минато, на нашите потомци, да се препуштиме на сеќавањата кои ќе ни ги стоплат срцата , и да го продолжиме аманетот кој тие, преку ова оро ни го оставиле на нас, денешната генерација, како една убава традиција. А, токму традицијата била таа која како народ не одржувала сите овие векови. Фолклорните обичаи, усните преданија и народното творештво се најверодостоен документ кој е пренесуван од колено на колено и одржуван низ вековите и преку кои, ние, Македонците, сме се осознавале за своето потекло и својот идентитет. Ова оро и другите македонски ора се сведоци за голготата низ која поминувал Македонецот, реалистичен фолклорен приказ кој го отсликува животниот пат на Македонците низ времето и ја симболизира македонската вековна гордост и нашиот непокор и достоинство. Оваа година покрај нашето друштво ќе настапат и друштвото „Браќа Толеви“ од Прдејци а како драги гости ни доаѓаат КУД „Грива“ и КУД „Крушаре“ од пограничните села во Република Грција.“
На крајот, почитувани читатели, доколку патот ве нанесе во гевгелискиот крај, за третиот ден од Велигден, не се двоумете многу. Дојдете во Миравци, видете го орото Ѓура Мара и бакнете се за момент со традицијата која и натаму опстојува.