Кошаркарка на Ајова стејт, Ауди Крукс, која се натпреварува во НЦАА-лигата (женска верзија на НБА), стана хит на социјалните мрежи во последните денови, а нејзиниот настап на натпреварот против Канзас стејт дури заработи и пофалби од некои НБА-легенди. Таа постигна 36 поени и имаше 10 скока во победата на својот тим од 85:63, по што социјалните мрежи почнаа да пишуваат за нејзината доминација.
Некои отидоа дотаму што ја споредуваат со најдоминантниот центар на сите времиња, Шекил О’Нил. Во медиумите ја нарекуваат Лејди Шек. Дваесетгодишната девојка е висока 191 сантиметар и е тешка нешто повеќе од 100 килограми, откако ослаби неодамна, околу 20 килограми. Оваа сезона таа има просек од 23 поени за Ајова и е седма кога се најдобрите стрелци оваа сезона во прашање. Со просек од 29 минути на теренот, има 7,7 скока на натпревар.
Натпреварувајќи се за колеџот „Бишоп Гариган“, таа стана трет водечки стрелец на сите времиња со 2.734 поени, а соодносот на победи и на порази на нејзиниот тим од 101:8 ќе ви каже колку е доминантен тој.
Пред да се префрли во кошарката, таа беше државен шампион во фрлање ѓуле и во фрлање диск во својата категорија, а извесен период играше и одбојка.
Нејзиниот настап против Канзас сити неодамна беше споделен на стори на „Инстаграм“, од Кевин Гарнет, шампион со Бостон во 2008 година и еден од најдобрите крилни центри на сите времиња.
- Има 100 коментари за мојот изглед, но и 1.000 коментари за мојата игра, мојот карактер, како се смеам и како се однесувам со другите. Ако коментирате, тоа значи дека ме гледате. Ви благодарам што сте моја публика – изјави таа неодамна.