Одбојкарската федерација на Македонија, викендов, во спортскиот центар „Форца“ во Скопје, организираше собир на девојчиња од генерацијата 2010 и помлади, со цел да добие попрецизна слика со што располага во оваа категорија одбојкарки во однос на физичките предиспозиции, техничката и тактичката подготовка.
На дводневниот собир учествуваа 86 девојчиња од 20 клуба и школи што функционираат под капата на Одбојкарската федерација на Македонија.
- Го организиравме првиот собир на генерацијата 2010 и помлади во женска категорија, на кој беа повикани одбојкарки од сите клубови и школи во Македонија што функционираат под капата на Одбојкарската федерација на Македонија. Истовремено, повикани се речиси сите тренери од клубовите од Првата и од Втората лига што работат со оваа возрасна категорија. Целта е да видиме со каква генерација располагаме во моментов, од квантитетот што го имаме на одбојката, како најмасовен женски спорт во Македонија, да извлечеме што подобар квалитет и во блиска иднина да создадеме генерација што ќе биде дополнување и ќе ѝ даде поддршка на надежната кадетска генерација, која беше многу активна во последните години. Паралелно, целиме и кон меѓусебна соработка на тренерите. Генерацијата со која располагаме дава надеж за во иднина, а планот е да почнеме од почеток, чекор по чекор, без да прескокнуваме скалила за да поставиме квалитетна база – објаснува генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски.
На овој собир присуствуваше и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој уште еднаш потврди за одличната соработка и за поддршката што ѝ ја дава Министерството за спорт на женската одбојка, како најмасовен женски спорт во Македонија.