„Жени во Собрание“, и по повеќе од две години од премиерата ја полни салата на Театар Комедија. Така беше и на вчерашната изведба, која уште еднаш покажа дека темата што ја отвора претставата е сè уште актуелна – статусот на жената во општеството, но и особено значајна околу 8 Март – Меѓународниот ден на жената, што се одбележува со цел да ја означи нејзината борба за социјална, економска, политичка и културна правда.

И како што посочува драматургот Билјана Крајчевска, колку и да се чини банално денес да се разговара за позицијата на жената во власта, сепак постои неопходност постојано да се зборува за тоа, како и за позицијата на жената во сите општествено-политички сфери, што се наметнува како прашање на родот, односно на полот и на неговата сила и моќ да ги диктира работите.

Претставата е во режија на Ќендрим Ријани, а по мотиви на Аристофан, во препев на проф. д-р Валериј Софрониевски, и според текстови на Билјана Крајчевска и актерската екипа.

– Знаеме дека античките жени немале формална политичка моќ и права, а доколку имало такви – завршувале трагично (Клитемнестра, Медеја). Еден од малкуте примери каде што имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женска моќ е комедијата на Аристофан „Жени во Народно собрание“. Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нив, провоциран од Аристофановиот изворник, и во соработка со драматургот, се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата, ќе појасни Крајчевска.

На вчерашната изведба, во час и половина, со многу енергија и посветеност настапија актерките Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова Николова, Благица Трпковска и Ангела Стојановска, кои со својата игра ја насмеаја, но и ја наведоа на размислување присутната публика. Повеќето од репликите оставија силен впечаток и одобрување, особено кај женскиот дел од присутните во салата, кои беа доминантни во публиката. Тие се поистоветија со нив, бидејќи произлегуваа од женска перцепција и филозофија на прашањата кои се обработуваат во претставата.

„Си зедовме за право да создадеме претстава со гротескни слики кои произлегуваат од секојдневието и, всушност, го предизвикуваат: од позиција на моќ до колективна и лична неодговорност, од филозофија и политика до литература и уметност, до ‘едноставната’ позиција на жената во семејството и да раскажеме приказни за уште многу други работи, додава Крајчевска.

Сценограф на претставата е Сергеј Светозарев, костимографијата на Ивана Каранфиловска-Угуровска, кореограф е Олга Панго, а музичка изведба на сцената е на Јетмир Мехмеди. Премиерно претставата се изведе на 28 декември 2022 година.

Фото: Театар Комедија

ИЗДВОЕНИ