Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и WOBA (Women on
Boards Adria) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се потврдува посветеноста за
јакнење на улогата на жените во раководните позиции и создавање инклузивно
општество.
И покрај тоа што жените сочинуваат половина од населението во Македонија, нивното
учество на лидерски позиции останува предизвик. Овој Меморандум е важен чекор кон
подобрување на родовата рамнотежа и унапредување на можностите за жените.
Министерката Сања Божиновска е именувана за амбасадор на WOBA за Македонија.
Оваа позиција ја одразува нејзината посветеност на промоцијата на родовата еднаквост и јакнењето на улогата на жените во раководните позиции.
– Како Министерство, сме целосно посветени на создавање услови каде што жените ќе имаат еднакви можности за успех, создавање на општество каде жените се признаени и вреднувани за нивните способности и придонеси. Потпишувањето на Меморандумот со WOBA не е само формален чин, туку и израз на мојата лична заложба за жените во нашето општество. Да ја поддржиме секоја жена која се стреми кон лидерство, која ги урива бариерите и ја создава иднината – истакна Божиновска.
WOBA, како регионална иницијатива, е активна во земјите од Западен Балкан,
вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора,
Македонија, Србија и Словенија. Организацијата е посветена на рушење на бариерите
за жените и постигнување на европските стандарди, како што е Директивата на ЕУ за
жени во управни тела.
Билјана Брејтвејт (Biljana Braithwaite), претседателка на WOBA, истакна дека
партнерството на WOBA со Министерството за енергетика, рударство и минерални
суровини претставува голем чекор напред за регионот и за Северна Македонија.
– Вклучувањето на министерката Божиновска е од клучно значење – нејзиното лидерство и ангажман на владино ниво може да предизвикаат вистински позитивни промени. Преку поставување на амбициозни цели и креација на соодветни практики во рамки на политиката кои ќе ја направат родовата еднаквост реалност, особено во енергетскиот сектор. Енергетиката е еден од најважните сектори за одржлив развој и време е жените да имаат многу поголема вклученост во оваа сфера. Овозможувајќи им на жените да водат и да придонесуваат на секое ниво, не само што отвораме можности за нови иновации, туку и создаваме сектор кој е поотпорен, поинклузивен и поподготвен да се справи со предизвиците на денешницата – изјави Брејтвејт.
Тања Михајловска Димитриевска, главна амбасадорка на WOBA за Северна Македонија истакна дека “Women on Boards Adria во својата суштина се залага за промовирање на поголема родова разновидност и инклузивност низ регионот на Адриа, усогласување на регионалните родови политики со стандардите на ЕУ и обезбедување можности за
жените да водат и да се истакнат во секоја област.
– Заедно со министерката Божиновска и нејзиниот тим, ќе работиме на тоа да овозможиме жените да не бидат само учеснички, туку лидери и пример за следните генерации. Со заеднички напори, Министерството и WOBA ќе спроведуваат проекти што ќе донесат позитивни промени за жените во Македонија и регионот. Заедно, создаваме општество каде жените ќе можат да го достигнат својот потенцијал – изјави Михајловска Димитриевска.