
Бранителот на тронот, тимот на Реал (М), немаше многу среќа кога е во прашање ждрепката за 1/8 финалната рунда од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони. Раката на легендарниот напаѓач на Баерн (М), Џовани Елбер, одлучи „кралскиот клуб“ за противник да го добие лутиот градски ривал, тимот на Атлетико (М).
Реал (М) има далеку поуспешна историја кога се во прашање меѓусебните дуели во ЛШ, но ова е идеална шанса за популарните „јорганџии“ колку толку да му се реваншираат на лутиот ривал за двата пораза во финалните дуели.
Ништо подобро не помина ниту најтрофејниот германски клуб, Баерн (М), кој за противник го доби бранителот на тронот во Бундеслигата, екипата на Баер од Леверкузен. Вреди да се напомене дека двата меѓусебни дуели во актуелната сезона завршија без победник.
Голема неизвесност и бора до последниот судиски свиреж се очекува на двата дуела помеѓу англискиот преставник Ливерпул и францускиот гигант ПСЖ. Двата тима се на добар пат да ја освојат титулата во домашниот шампионат и можат да посветат екстра внимание на ЛШ.
Каталонскиот гигант Барселона за противник го доби португалскиот преставник, Бенфика, а германскиот бундеслигаш Борусија од Дортмунд ќе игра против францускиот прволигаш Лил.
Првите натпревари се играат на 4 и 5 март, а реванш дуелите се закажни за 11 и 12 март.
Двојки во 1/8 финалната рунда: Клуб Бриж – Астон Вила, Борусија Д. – Лил, Реал (М) – Атлетико (М), Баерн (М) – Леверкузен, ПСВ – Арсенал, Феенорд – Интер, ПСЖ – Ливерпул, Бенфика – Барселона.