Во Грција сè е поскапено. Освен аранжманите, поскапени се и туристичките такси и билетите за траект. Македонските туристи кои ќе летуваат во Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра. Цените на билетите за траектите ќе се зголемат за 12 до 15 проценти, а најмногу на удар ќе бидат фериботите што ги опслужуваат островите Миконос и Санторини, Крит, Родос, Скијатос, Скопелос….
Летувањето во Грција оваа лето ќе биде поскапо од лани. Освен туристичките такси за 12 до 15 отсто ќе поскапат и билетите за траект во Грција. Македонските туристи кои ќе летуваат во Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра. Зголемување на таксите ќе има и за сместувањето. Така, за хотелите со една и две ѕвезди, како и за изнајмување соби, ќе се плаќа 2 евра, наместо досегашните 1,5 евра. Во хотелите со три ѕвезди ќе се плаќаат 2 евра повеќе, додека гостите во хотелите со четири ѕвезди ќе платат 10 евра наместо досегашните 7. Најголемо поскапување има за хотелите со пет ѕвезди и вилите, каде што таксата ќе порасне од 10 на 15 евра.
Освен таксите и услугите од туристичките агенции велат дека поскапени се и аранжманите за 20 до 30 отсто во однос на лани. Така во зависност од времето на летување и од оддалеченоста на апартманот од плажа цените за седум дена се движат од 350 евра па нагоре.
– Голем дел од аранжманите за претсезона се распродадени, бидејќи туристите кои се години одат во Грција ги користат попустите за ран букинг и си резервираа одмор по стара цена. Аранжманите за летување во Грција годинава се поскапени за 20 до 30 отсто во однос на лани, но како и секоја година и годинава има голем интерес за летување во Грција, особено за апартманско сместување. Голем дел од граѓаните ги искористија попустите за ран букинг од 30 отсто, кои почнуваат уште во ноември. Како што се доближува сезоната така се намалуваат и попустите. Најголемите попусти се до крајот на февруари, велат од туристичките агенции.
Од Грчката асоцијација на компании за превоз на патници велат дека зголемувањето на цените за билетите за траект во Грција е поврзано со новите регулативи на Европската унија за поморско гориво. Од асоцијацијата бараат алтернативни решенија за да го минимизираат влијанието врз патниците.
– Горивата со ниска содржина на сулфур, што ги бара ЕУ, се 35 до 40 проценти поскапи од конвенционалните горива. Трошоците за гориво претставуваат 45 до 50 проценти од оперативните трошоци на траектот. Значаен дел од овие трошоци ќе се одразат на цените на билетите, изјави Дионисис Теодоратос, претседател на Асоцијацијата.
Особено ќе поскапат фериботите што ги опслужуваат островите Миконос и Санторини, Крит, Родос, Скијатос, Скопелос…. Теодоратос рече дека се очекува цените на билетите за траектите да се зголемат за 12 до 15 проценти.
Сепак добрата вест е што билетите за траект до грчките острови може да се купат преку интернет, што значи дека ако се купат сега, сè уште важат старите цени. Цените на траектот до Грција значително се разликуваат во зависност од сезоната, пристаништето на поаѓање и преференциите за сместување на бродот.
Општо земено, цените на билетите се движат од 50 до 150 евра по лице за премин без кабина, додека патувањето со кабина може да чини помеѓу 100 и 300 евра по лице.
При патување во група, како на пример резервација на кабина за четири лица, вкупните трошоци може да бидат околу 250 до 600 евра. Цената првенствено зависи од времетраењето на патувањето, сместувањето на бродот и транспортните трошоци на фериботот.
(А.С.)