Главниот инспектор за затвори на Обединетото Кралство, Чарли Тејлор, изјави дека употребата на беспилотни летала за шверц на дрога и оружје во британските затвори треба итно да се решат бидејќи таа стана закана за националната безбедност.
Тејлор додаде дека полицијата и затворската служба всушност го „отстапиле воздушниот простор“ околу затворот Манчестер и затворот Лонг Лартин на организираните криминални групи кои користат беспилотни летала за доставување „роба“ на затворениците, објави Скај њуз.
Во овие затвори со висока безбедност се сместени некои од најопасните луѓе во Британија, вклучувајќи ги терористите и босовите на организираниот криминал.
Предупредувањето на Тејлор следува по инспекциите во затворот Манчестер и затворот Лонг Лартин во Ворчестершир, кои открија дека и двата затвора се дом на „просперитетна нелегална економија“ на дрога, мобилни телефони и оружје.
Инспекторите, исто така, открија дека основните безбедносни мерки, како што се заштитната мрежа и системот за видео надзор, се застарени.
Некои затвореници во Манчестер, затвор од категорија Б во кој се сместени мал број затвореници од категорија А, пробушиле дупки во нивните прозорци за да примаат „роба“ испорачана со дронови, соопшти Инспекторатот.
Приближно половина од затворениците во Лонг Лартин рекле дека е лесно да се дојде до дрога и алкохол во затворот, пренесува Танјуг.