Зголемен капацитетот во Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“

35

Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“ во Берово e со зголемен капацитет, а подобрени се и условите за престој во него.

Тоа е резултат на инфраструктурната поддршка овозможена во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, кој го реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.    

Директорката на установата Живка Бојчовска Каламадевска објасни дека со поддршка на проектот се обезбедени услови за дополнително сместување на уште 28 стари лица, со што сега вкупниот капацитет ќе биде 67 лица. Извршено е и хортикултурно уредување на просторот, купен е потребниот мебел, имплементиран е централен систем за греење и вентилација, а во тек е и набавка на 14 таблети, опрема за кујна, фрижидери и перална.

– Покрај сместување, нега, медицинска грижа, на корисниците на домот секојдневно им организираме и разни активности на различни теми, славиме родендени, празници и се грижиме за нивното расположение. Ние и понатаму ќе продолжиме да се трудиме животот на нашите корисници да им го олесниме и да бидат среќни и задоволни. Со гордост можам да кажам дека овој дом е едно големо семејство во кое владее љубов, среќа и хармонија – истакна Бојчовска Каламадевска.  

Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски наведе дека Домот за стари лица во Берово е единствената установа од ваков тип во регионот. При тоа, додаде дека проширувањето на капацитетите е од големо значење, бидејќи потребата од услуги за згрижување постојано расте.

– Многу ми е драго што вторпат сум овде во Домот во кој благодарение на партнерството со Министерството за локална самоуправа, градоначалниците од регионот и Центарот за развој на Источниот плански регион, сите заедно го продолжуваме проектот чија прва фаза беше реализирана во 2020 година, кога обезбедивме услови за сместување на 10 лица, а сега заедно со оваа фаза придонесовме вкупно за 38 нови места – истакна амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Вероник Улман, која се надева дека соработката ќе продолжи и во иднина, со оглед на потребата од ваков тип на објекти во регионот.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински додаде дека со инвестирањето во вакви проекти, се инвестира не само во подобрување на инфраструктурата, туку и во квалитетот на живот на возрасните лица на кои им се овозможува да го поминуваат секојдневието во безгрижност и достоинство.

– Со поддршка на Владата на Швајцарија, успеавме да создадеме услови за третман, нега и социјализација по сите пропишани стандарди. Преку оваа инвестиција, ги зајакнавме капацитетите на установата, во неа секој да може да се чувствува сигурно, почитувано и, пред сè, како рамноправен дел од општеството – нагласи Перински.  

ИЗДВОЕНИ