Зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, го пофали „значително големиот“ потенцијал на „поморскиот имот“ во Газа и предложи Израел да ги отстрани цивилите додека го „чисти“ појасот, пренесува британскиот весник Гардијан.
Поранешниот трговец со недвижнини, кој е во брак со ќерката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Иванка, ја коментираше ситуацијата во Газа во интервју на Универзитетот Харвард на 8 март, пишува Гардијан.
Кушнер беше висок советник за надворешна политика за време на мандатот на Трамп и имаше задача да подготви мировен план за Блискиот Исток. Критичарите на планот, кој вклучуваше договор за нормализирање на односите меѓу Израел и земјите од Персискиот залив, рекоа дека тој ги заобиколил прашањата за иднината на Палестинците.
Неговите забелешки на Харвард навестија каква политика на Блискиот Исток би можела да се води доколку Трамп се врати во Белата куќа, вклучително и напорите за договор за нормализација меѓу Саудиска Арабија и Израел.
„Имотот долж Појасот Газа би можел да биде многу вреден… доколку луѓето се фокусираат на создавање средства за живот“, рече Кушнер на интервјуто со професорот Тарек Масуд, претседател на Иницијативата за Блискиот Исток на Харвард. Кушнер, исто така, изрази жалење за „сите пари“ што отишле за тунелската мрежа и муниција, наместо во образование и иновации.
„Таму е малку несреќна ситуацијата, но од перспектива на Израел би дал сѐ од себе да ги иселам луѓето и да исчистам зад нив“, рече Кушнер. „Но, мислам дека Израел не рече дека не сака луѓето да се вратат таму потоа“.
Масуд одговори дека „има многу да се зборува околу тоа“.
Кушнер, исто така, рече дека мисли оти Израел треба да ги премести цивилите од Газа во пустината Негев во јужен Израел.
Тој рече дека кога би бил на чело на Израел, приоритет број еден би му било иселувањето на цивилите од јужниот град Рафах и нивно доведување во Египет „преку дипломатија“.
Предлогот на Кушнер за префрлањето на цивили во Негев предизвика чудење кај Масуд.
„Дали ова е нешто за што зборуваат во Израел? Ова, навистина, е првпат да слушнам од некого освен од египетскиот претседател Сиси, да сугерира дека жителите на Газа кои се обидуваат да избегаат од борбите би можеле да најдат засолниште во Негев. Дали луѓето во Израел се сериозни во врска со таа можност?, праша Масуд.
„Не знам“, одговори Кушнер, кревајќи раменици.
„Дали тоа би било нешто на што би се обиделе да работите?“, праша Масуд.
„Во моментов сум во Мајами Бич“, рече Кушнер. „И ја гледам ситуацијата и размислувам: што би правел ако сум таму?“
Запрашан од Масуд за стравувањата меѓу Арапите во регионот дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да дозволи Палестинците кои бегаат од Газа да се вратат, Кушнер застана, а потоа рече: „можеби“.
Потоа додаде: „Не сум сигурен дека остана уште многу од Газа во овој момент. Ако размислите дури и за самата идеја, Газа навистина не беше историски преседан. Таа беше резултат на војната. Имавте племиња на различни места и така Газа стана нешто“.
На прашањето дали Палестинците треба да имаат своја држава, Кушнер го опиша предлогот како „супер лоша идеја“ која „во суштина ќе го награди чинот на терор“.