
Лошата сезона и болната елиминација на Реал Мадрид од Лигата на шампионите може скапо да го чини Карло Анчелоти. Како што пренесува „Скај Спортс“, искусниот италијански стручњак веќе ги пакува куферите, а последен натпревар на клупата на Реал би можел да биде финалето на Кралскиот куп против Барселона, кое се игра во Севиља.
Реал Мадрид оваа сезона е далеку од очекувањата – поразот од Арсенал во четврт-финалето на Лигата на шампионите, со вкупен резултат 1:5, беше тежок удар за тимот и навивачите. Покрај тоа, тие заостануваат четири бода зад Барселона во трката за титулата во Ла Лига, што дополнително ја комплицира ситуацијата.
Поради сето ова, според тврдењата на британските медиуми, клубот сериозно ја разгледува опцијата на Анчелоти да му врачи отказ веќе во мај, иако сезоната се уште не е завршена.
Дополнителна причина за ваквиот развој на настаните се шпекулациите дека Анчелоти веќе извесно време „флертува“ со селекторската функција на Бразил. Доколку Реал ја откаже соработката во наредните недели, се би можело да се совпадне со распоредот на „Кариока“, кои на 4 и 7 јуни ги играат квалификациските натпревари против Еквадор и Парагвај.
Јирген Клоп би можел да биде наследник на Анчелоти. Германскиот стручњак, кој неодамна ја заврши својата епизода во Ливерпул, наводно отворил преговори со Реал и ја разгледува опцијата да ја преземе клупата на „кралскиот клуб“ по една година пауза.