Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во телевизиско гостување, во дебата со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, истакна дека ЗЕЛС останува партнер на сите општини и дека сите локални самоуправи се третираат еднакво без да се дозволи политичко мешање во нивното функционирање.
– ЗЕЛС останува партнер на сите општини, и тоа е мостот меѓу локалната и централната власт. Со подадена рака, може да ги надминеме сите проблеми. Седнавме на маса заедно со моите потпретседатели, Перо Костадинов од СДСМ и Висар Ганиу од Вреди, со градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, за проблемите што ги има и понудивме медијаторство за надминување на проблемите. Ме радува изјавата на струмичкиот градоначалник, Костадин Костадинов, дека останува да членува во ЗЕЛС, затоа што обединети, општините може да придонесат значително повеќе во соработката со која било централна власт – изјави Ѓорѓиевски.
Костадинов истакна дека ја цени посветеноста на ЗЕЛС за решавање на проблемите, затоа што секој проблем е решлив, како и оној со водата во Струмица, посочувајќи дека напуштањето на ЗЕЛС е невозможно, поради потребното гласање во локалниот совет, а и поради користењето на апликациите и на електронските системи на ЗЕЛС во делот на издавањето градежни дозволи и продажбата на земјиште.
– Мојата цел не е да го напуштам ЗЕЛС од што сакам да го напуштам или да алудирам на некакво непочитување кон колегата Ѓорѓиевски или кон кој било друг градоначалник. Алармот за проблемот со водата за пиење е вклучен за да пристапат централните органи за надминување на состојбата – изјави Костадинов.