Зеленски: Украина и САД денеска би можеле да потпишат Меморандум за договорот за минерали

18

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во Киев дека Украина и Соединетите Американски Држави денеска би можеле да потпишат Меморандум за намери за Договорот за ретки минерали.

– Пред неколку дена американската страна предложи да се вратиме чекор назад. Тоа е Меморандум за намери. И нашите намери се позитивни. Така, Меморандумот за намери може да се потпише онлајн денес. Нашата страна рече: „Во ред“. Разбирам дека сега вицепремиерот работи на текстот. Овој меморандум е важен прв чекор. Па зошто и двете земји да не се договорат – истакна тој на конференцијата за Нованарс, пренесе Укринформ.

Зеленски рече и дека техничките состаноци со САД се одвивале во различни формати – онлајн и офлајн.

– Техничкиот состанок беше навистина продуктивен и позитивен. Мислам дека е добро. Исто така, екипите работеа и вчера и денеска. Нашиот вицепремиер работи со тимот на Бесент (американскиот министер за финансии Скот Бесент) – рече тој.

Според него, страните почнале да работат на сериозен договор, кој мора да се разгледа во парламентот и да помине низ соодветните процедури.

– А адвокатите мора да работат на тоа да биде успешен за двете земји. Затоа средбата беше позитивна. Гледаме дека страните се среќаваат“, нагласи Зеленски.

Украинскиот премиер Денис Шмихал денеска изјави дека специјална техничка работна група на Украина ќе отпатува во САД оваа недела за да преговара за договор за ретки минерали, додавајќи дека Киев ќе продолжи да го бара „најдоброто решение“.

Шмихал најави дека украинската страна го има првиот нацрт на договорот од САД.

Тој додаде дека најдоцна до утре специјална техничка работна група ќе отпатува во САД за да има технички преговори со работната група на Министерството за финансии на САД во врска со техничките услови на договорот за ретките минерали.

ИЗДВОЕНИ