Рускиот претседател Владимир Путин се „плаши“ од преговори за ставање крај на војната во Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Денес Путин уште еднаш потврди дека се плаши од преговори, дека се плаши од силни лидери и дека прави се за да ја продолжи војната“, напиша Зеленски на платформата „Х“, откако рускиот претседател ја отфрли можноста за директни разговори со неговиот украински колега.
Путин претходно рече дека конфликтот во Украина ќе заврши во рок од „два месеци“ без воена помош од западните сојузници за Украина, која стравува од драстично намалување на американската помош со враќањето на Доналд Трамп на власт.
„Тие (Украинците) не можат да преживеат, нема да издржат ниту еден месец ако ги снема парите и муницијата. Сè би било готово за месец и половина или два“, рече Путин во интервју за руската државна телевизија.
Рускиот претседател додаде дека се можни преговори за ставање крај на конфликтот во Украина, но ја отфрли можноста за директни разговори со украинскиот претседател Зеленски, кого го смета за „нелегитимен“.