Зеленски: Путин не сака мир, се подготвува за војна против НАТО следната година

266

Никогаш нема да ги признаеме окупираните територии како руски. Да, сакаме да бидеме во НАТО. Ние веруваме во безбедносните гаранции на НАТО, рече Зеленски на прес конференција во Минхен во пресрет на најавената средба со американскиот потпретседател Венс. Освен Венс кој учествуваше на Минхенската конференција, планот на Трамп за Украина вчера го претставуваше и министерот за одбрана Пит Хегсет кој беше во посета на Полска

 

Досегашните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп „дефинитивно не се доволни за да се обликува мировниот план“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес конференција во рамките на тридневната Минхенска безбедносна конференција што почна вчера.

Сепак, тој изјави дека сигналите од САД се „силни, но различни“, и додаде дека се потребни дополнителни разговори со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, со кого на маргините на Минхенската конференција требаше да се сретнат вчера попладне.

По пристигнувањето на Минхенската безбедносна конференција, преку главниот влез во хотелот „Баеришерхоф“, опкружен со бројно обезбедување, Зеленски веднаш одговори на прашањата за иднината на Украина. Тој повтори дека Украина сака да биде членка на НАТО и дека никогаш нема да ги признае окупираните територии како дел од Русија.

-Никогаш нема да ги признаеме окупираните територии како руски. Да, сакаме да бидеме во НАТО. Ние веруваме во безбедносните гаранции на НАТО. Мислам дека тоа е најевтината опција за секого, рече тој нагласувајќи дека Европа мора да застане покрај Украина заради сопствената безбедност.

Тој додаде дека „Путин дефинитивно не сака мир“ и дека разузнавачките податоци покажуваат дека Русија се подготвува за војна против НАТО следната година.

-Постојат одлуки кои можат да се донесат само на претседателско ниво, рече тој во пресрет на средбата со Венс.

Венс, пак, пред да замине за Минхен за „Волстрит журнал“,  изјави дека САД би можеле да ја погодат Москва со санкции и потенцијална воена акција доколку претседателот Путин не се согласи на мировен договор со Украина кој гарантира долгорочна независност на Киев.

-Постојат економски алатки за влијание, сигурно има воени алатки за влијание кои САД би можеле да ги употребат против Путин. Има безброј формулации, конфигурации, но ние се грижиме Украина да има суверена независност, рече Венс во интервју за весникот.

Претходно американскиот претседател Доналд Трамп подгреа надеж дека токму во петокот, на Конференцијата во Минхен или, како што рече, некаде во градот, може да дојде до прва средба на претставници на Украина и на Русија со американски посредници. Но, набргу потоа портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека на Конференцијата нема претставници од Русија. Ниту Москва, ниту Киев не најавија дека очекуваат преговори, а и Би-би-си претходно објави дека на конференцијата нема руска делегација.

Како што пренесе британскиот јавен сервис, Зеленски предупредил дека Украина нема да се согласи на каков било мировен договор предложен од САД и Русија без нејзино учество, откако Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ветија дека ќе почнат разговори за ставање крај на војната.

-Како независна земја тоа не можеме да го прифатиме, рече  Зеленски.

Како што е познато, американската администрација доби налог од претседателот Трамп да почне преговори за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт, откако тој во средата разговараше по телефон прво со Путин и се договори со него наскоро да се сретнат во Саудиска Арабија,  а потоа и со Зеленски. На тоа му претходеше изјава на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет упатена до воените сојузници на Украина во Брисел дека враќањето на границите на Украина од пред 2014 година, пред Русија да го анектира Крим, е нереално и дека САД не го гледаат членството на Киев во НАТО како дел од решението. И Трамп во средата по разговорот со Путин рече дека не е „практично“ Украина да се приклучи на НАТО и дека е „неверојатно“ да може да се врати во своите граници од пред инвазијата. Веќе следниот ден го даде предлогот руски и украински претставници да се сретнат со американски на Минхенската безбедносна конференција.

-Русија ќе биде таму со нашите луѓе. Патем, поканета е и Украина. Не сум сигурен точно кој ќе биде таму од која земја, но ќе бидат луѓе на високо ниво од Русија, од Украина и од САД. Би сакал да ги вратам Русите. Мислам дека беше грешка да ги исфрлиме. Видете, не е прашање дали ја сакате Русија или не ја сакате Русија, рече Трамп, пренесе Би-би-си.

Украинците во четвртокот беа загрижени дека Трамп се подготвува да ја продаде нивната земја по телефонскиот разговор со Путин со кој договори средба без учество на Украина, но вчера Трамп го смени ставот па рече дека Украина ќе биде вклучена во мировните преговори со Русија. На новинарите во Белата куќа им изјави дека Украина ќе има место на маса за време на какви било мировни преговори со Русија за ставање крај на војната.

Инаку, клучните луѓе на Трамп вчера ги претставуваа плановите на САД за Украина. Потпретседателот Џеј Ди Венс вчера попладне се состана со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, а министерот за одбрана Пит Хегсет стигна во Варшава каде се состана со членовите на полската Влада со кои разговараше за воените ангажмани и ситуацијата во Украина.

Фокусот на годинешната Минхенска безбедносна конференција освен на Украина е ставен и на Блискиот Исток.

ИЗДВОЕНИ