Зеленски предупреди: Исклучувањето на Киев од преговорите испраќа опасна порака

584

Исклучувањето на Киев од преговорите за ставање крај на инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина ќе испрати „многу опасна“ порака до светските диктатори, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ако има директни преговори меѓу Америка и Русија без Украина, тоа е многу опасно“, рече Зеленски во интервју за Асошиетед прес објавено во саботата. „Тие можат да имаат свои односи, но да се зборува за Украина без нас – тоа е опасно за сите“, додаде тој.

Според него, ваквите билатерални преговори меѓу Вашингтон и Москва ќе му овозможат на Путин „да докаже дека бил во право“ и да му биде простено за се. „Тоа би значело дека секој може да постапува на ист начин. Тоа би било сигнал за другите лидери на големите земји кои размислуваат за слични потези“, предупреди Зеленски.

Неговите коментари доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп во петокот вечерта изјави дека американските и руските претставници веќе водат билатерални разговори за војната во Украина. Трамп рече дека неговата администрација е во „многу сериозни“ преговори со Москва, но не откри детали.

Киев веќе имал контакти со специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, како и со американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и со потпретседателот Џеј Ди Венс. Зеленски и Трамп накратко се сретнаа двапати, а една средба ја иницираше францускиот претседател Емануел Макрон.

Сепак, украинската влада сè уште чека Келог и американскиот државен секретар Марко Рубио да се сретнат со високи украински дипломати и инсистира на уште една лична средба меѓу Трамп и Зеленски.

„Прво треба да одржиме состанок со него“, рече Зеленски.

„По разговорот со Трамп, треба да се придвижиме кон некаков преговарачки формат со Русите. Би сакал да ги видам САД, Украина и Русите на преговарачка маса. А гласот на Европската унија мора да биде присутен“, додаде украинскиот претседател.

Украина постојано ги предупреди своите сојузници да не водат преговори за завршување на војната зад нејзиниот грб и дека Путин може да биде запрен само со употреба на сила.

Трамп се закани со дополнителни санкции и царини за Русија доколку Путин не ја прекине инвазијата, но во исто време американската администрација ја суспендираше клучната хуманитарна помош за Украина.

Американскиот државен секретар Марко Рубио неодамна изјави дека војната што ја води Русија ја врати Украина 100 години назад, но дека Киев и Москва ќе мора да направат компромиси.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин минатата недела рече дека Зеленски нема право да потпише каков било мировен договор, тврдејќи дека го изгубил легитимитетот бидејќи Украина не може да одржи претседателски избори за време на војната. Сепак, според украинскиот закон, вонредната состојба забранува избори и го продолжува мандатот на Зеленски додека не завршат непријателствата, бидејќи Киев не може да ја гарантира безбедноста на гласачите и изборните набљудувачи среде војна, според Политико.

ИЗДВОЕНИ