Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен за каков било формат на дијалог за ставање крај на војната со Русија доколку е убеден дека САД и Европа нема да го „напуштат Киев“.
Тој за британската телевизија ITV изјави дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп не само што треба да стави крај на војната, туку и да гарантира дека повеќе нема да има, како што рече, „руска агресија“.
Зеленски објасни дека Киев не сака да го повтори искуството од мировните договори и преговори кои беа неуспешни во годините пред почетокот на руската специјална воена операција во Украина.
„Затоа, неопходно е да се обезбедат безбедносни гаранции“, нагласи Зеленски.
Тој нагласи дека „замрзнатиот конфликт“ ќе доведе до дополнителни непријателства и дека „никој нема да биде победник“.
Според него, замрзнувањето на конфликтот би било апсолутен пораз за сите, и за Киев и за Трамп, пренесе агенцијата „Аднкронос“.
„Ако сум сигурен дека Америка и Европа нема да не напуштат, дека ќе не поддржат и ќе ни дадат безбедносни гаранции, ќе бидам подготвен за секаков формат на дијалог“, рече Зеленски, пренесува Срна.