Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изрази уверување дека може да ги обнови односите со американскиот претседател Доналд Трамп по нивната спорна средба во Овалната соба на Белата куќа во петокот. Тој нагласи дека разговорите со Трамп треба да продолжат во поинаков формат, пренесува Ројтерс.
Зборувајќи за новинарите во Лондон, Зеленски рече дека работи на подготовка за нови предизвици, иако не смета дека САД ќе ја прекинат воената помош за Украина, бидејќи тоа, според него, само ќе му помогне на рускиот претседател Владимир Путин.
Тој додаде дека се уште е подготвен да потпише договор за ретки метали со САД и изрази надеж дека и САД се подготвени.
Зеленски претходно изјави, по самитот на европските лидери во Лондон, дека работи со европските партнери за да се воспостави солидна основа за соработка со САД со цел да се постигне мир и гарантирана безбедност за Украина.
По самитот Зеленски се сретна со британскиот крал Чарлс Трети.
Посетата на Зеленски на Белата куќа во петокот беше прекината откако тој влезе во жестока размена на зборови со Трамп и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, кои го обвинија за „непочитување“ за време на состанокот во Овалната соба. После тоа, украинскиот лидер ја напушти Белата куќа без коментар, а Трамп на платформата Truth Social напиша дека Зеленски не е подготвен за мирно решавање на украинскиот конфликт и дека покажал непочитување кон САД.