Зеленски ќе зажали за изјавите за Трамп, предупреди потпретседателот на САД Џеј Ди Венс

1857
EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс го предупреди украинскиот претседател  Володимир Зеленски да се воздржи од јавните критики на сметка на претседателот на САД Доналд Трамп, истакнувајќи дека таквите изјави би можеле да ги нарушат односите на Киев и Вашингтон и да имаат негативни последици по самиот Зеле4нски, пренесе Анадолија.

„Идејата дека Зеленски ќе го предомисли претседателот јавно напаѓајќи го – секој што го познава претседателот ќе ви каже дека тоа е ужасен начин да се работи со оваа администрација“, изјави Венс за Дејли Мејл.

Оваа изјава дојде само неколку часа откако Зеленски го обвини Трамп дека „живее во простор на дезинформации“ кои ги креира Русија.

Трамп брзо одговори, нарекувајќи го Зеленски „диктатор без избор“ и велејќи му „подобро да тргне брзо, или државата нема да му остане“.

„Се восхитуваме на храброста на украинските војници, но очигледно мислиме дека војната треба да заврши што е можно поскоро“, додаде Венс.

Тој нагласи дека тоа е официјална политика на претседателот на САД и не се заснова на руски дезинформации.

„Доналд Трамп знае многу за геополитиката, тој има многу силни мислења и ги има тие мислења долго време“, рече Венс, додавајќи дека верува оти Зеленски добива лоши совети за тоа како да се однесува со администрацијата на Трамп.

Острата размена на зборови меѓу Зеленски и Трамп доаѓа додека американските и руските претставници преговараат во Ријад за можен крај на војната во Украина.

Овие преговори предизвикаа загриженост во Киев и меѓу европските лидери за можноста Украина да биде исклучена од процесот.

Во исто време, Зеленски се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, при што истакна дека Украина мора да биде вклучена во какви било разговори за завршување на војната.

ИЗДВОЕНИ