Украинскиот претседател Володимир Зеленски даде интервју за француски Le Parisien во кое зборуваше за можноста за преговори со Русија во врска со прекинот на огнот во Украина и најавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за крај на војната.
Зеленски рече дека нема да поддржи замрзнување на конфликтот со Русија за да се забрзаат мировните преговори, нагласувајќи ја својата посветеност на заштита на интересите и територијалниот интегритет на Украина.
Зеленски рече дека е запознаен со плановите на идниот американски претседател Доналд Трамп за постигнување брз крај на војната, но јасно стави до знаење дека нема да брза со решение кое би било неповолно за Украина.
„Доналд Трамп знае за мојата желба да не ги избрзувам работите на сметка на Украина“, рече Зеленски како одговор на прашањата за можниот план кој би вклучувал компромисни разговори меѓу Киев и Москва. Неговата изјава доаѓа додека транзицискиот тим на Трамп се подготвува да ја преземе функцијата, при што новоизбраниот претседател сигнализираше потреба од компромис за постигнување мир.
Според информациите, тимот на Трамп работи на стратегија која би ги донела Украина и Русија на преговарачка маса. Трамп навести дека двете страни ќе мора да направат одредени отстапки за да се стави крај на конфликтот додека ја критикуваше континуираната воена и финансиска помош на САД за Киев.
За време на кампањата, Трамп често изразуваше скептицизам за понатамошната поддршка за Украина и повикуваше на брз крај на војната, нагласувајќи ја важноста за намалување на трошоците за САД. Неговиот пристап предизвика загриженост кај украинските власти, кои стравуваат дека новата администрација би можела да ја намали поддршката од клучно значење за одбраната на Украина.