Зелени сертификати за три бизниси од Вевчани и за туристички оператор од Охрид

17

Три локални бизниси од Вевчани и еден туристички оператор од Охрид добија сертификати за својот значаен придонес во развојот и промоцијата на одржливиот туризам во рамките на програмата „Гуд травел сеил“ и концептот за зелена дестинација.

Сертифицираните бизниси, како што соопшти „Вевчани грин“, се промовирани преку платформата „Гуд травел сеил“ и на социјалните медиуми, стигнувајќи до одговорните туристи од целиот свет што бараат зелен одмор.

– Дополнително, тие се дел од т.н. зелени продукти, кои се понудени на платформата „Аутдорактив“, што дополнително ги зголемува нивната видливост и социоекономските придобивки на локално ниво – пишува во информацијата.

И Општина Вевчани, пред само една недела, по втор пат се пласира во групата на 100 најуспешни дестинации во светот, во конкуренција од над 200 апликанти што развиваат и практикуваат одржлив туризам на повисоко ниво. Тоа значи дека Општината покажала дека се грижи за природата, има соработка со локалната заедница, бизнисот, невладиниот сектор, ги зачувува културата и традицијата, се грижи за здравјето и за безбедноста на населението, управува со отпадот, го промовира туризмот и воведува одржливи практики.