Зелената агенда за Западен Балкан е важна како пресвртница за регионот, но и поединечно за земјите, поради можноста што ја нуди за голема координирана трансформација на регионот, истакна првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, на отворањето на конференцијата на Македонското здружение за енергија од обновливи извори, МАРЕС.

– Со ваквата трансформација, ефикасноста на ресурсите, заштитата на природата и климатската акција, ќе се постават во центарот на сите економски активности и предизвиците ќе се претворат во можности – рече Меџити.

Според него, кластерот 4 се однесува на Зелената агенда и одржливата мобилност, и како таков, овозможува директен увид во поврзаноста помеѓу секторите, особено секторот енергетика, транспорт и животната средина, каде што е опфатено законодавството од секторите врз кои секторот енергетика има директно влијание –  квалитетот на воздухот и биодиверзитетот, водните ресурси.

Меџити информираше дека во однос на придонесот по мерки, најголемо учество во бројот на нови домашни зелени работни места имаат доградба на постоечки станбени згради со 42%, изградба на пасивни куќи 21%, обновливи извори на енергија без стимулации 6% и соларни термални колектори 8%.

– Употребата на обновлива енергија создава работни места во производството, инсталацијата и одржувањето, поттикнувајќи го економскиот раст и иновациите во енергетската област. Дополнително, со диверзификација на изворите на енергија, обновливите извори ги прават енергетските системи помалку зависни од увезените фосилни горива, со што се подобрува енергетската безбедност – додаде Меџити.

Тој изрази поддршка на интервенциите во примената на обновливите извори на енергија, условена со ненарушување на животната средина и природата.

Годишната конференција на МАРЕС се одржа по вторпат собирајќи ги клучните чинители во секторот за обновливи извори на енергија. Темата оваа година е „Обновливите извори на енергија како најголем дел од енергетската загатка“, што ја одразува зголемената важност на обновливите извори на енергија во глобалната енергетска транзиција.

Конференцијата се фокусираше на критичните прашања околу имплементацијата и интеграцијата на обновливите извори на енергија (ОИЕ), во националните и регионалните енергетски стратегии. Експерти од различни сектори, вклучувајќи владини тела, енергетски регулатори, финансиски институции и развивачи на инфраструктура, споделија свој увид во иднината на обновливите извори на енергија и чекорите неопходни за надминување на предизвиците.

Во четирите панели секој се осврна на различни аспекти на енергетската транзиција, од стратешко планирање до практична имплементација и финансирање.