Зелен херој се станува со еколошки дела

36

Во општина Кисела Вода денеска беше лансиран иновативниот проект „City and Me“ – дигитална платформа која веќе брои над 30.000 корисници низ Балканот и која првпат се имплементира во една македонска општина.

Апликацијата, развиена преку соработка помеѓу Општина Кисела Вода, платформата „City and Me“ и партнерот „Стартап Македонија“, претставува мост меѓу граѓаните и институциите, создавајќи една поинаква слика на урбано живеење – попаметно, поодговорно и поеколошко. Таа ги наградува жителите за секој чекор што го прават за подобрување на својата околина – од пешачење, возење велосипед, до пријавување локални проблеми, учество во дигитални анкети и гласања, како и други форми на локален активизам.

За секоја ваква активност, корисниците добиваат City&Me токени, кои потоа можат да ги искористат во локални партнерски бизниси – за попусти или бесплатни производи и услуги. Моментално, меѓу партнерите се вклучени: Киноверзум, повеќе кафулиња, ресторани, и други локални деловни субјекти кои ја поддржуваат идејата за еколошки и општествено одговорна општина.

Покрај тоа, првите граѓани кои ја инсталираа апликацијата добија подароци – City&Me маички со пораката и дополнителни токени како мотивација за натамошна активност. Со лансирањето на оваа апликација, Кисела Вода создава мрежа на Зелени херои – активни граѓани кои преку секојдневни добри дела ќе придонесуваат за поквалитетен живот. Од собирање отпадоци и садење дрвја, до дигитално учество во креирањето локални решенија – секој граѓанин станува двигател на позитивни промени.

– Преку апликацијата ја зајакнуваме врската меѓу општината и граѓаните – секој глас се брои, секое позитивно однесување се наградува. Како дел од овој процес, заеднички ја потпишавме и Декларацијата за зелени промени – со што потврдуваме дека сакаме чиста, паметна и одржлива општина – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода,  Орце Ѓорѓиевски.

Апликацијата ја претстави Бранко Крсмановиќ, извршен директор на City and Me кој говореше за нејзиното создавање и како таа функционира кај корисниците низ Балканот.

– City and me се роди од верувањето дека градот не треба да биде бирократска структура, туку заедница на луѓе кои се слушаат, меѓусебно си помагаат и ја менуваат својата средина на подобро. Преку оваа платформа, граѓаните на Кисела Вода повеќе не се само корисници на услуги – тие стануваат активни учесници, иницијатори на идеи, чувари на околината, новинари на сопствените улици, херои на нивните маала – истакна Крсмановиќ. 

Апликацијата е достапна на следниот линк: https://linktr.ee/cityandme.mk

 

ИЗДВОЕНИ