Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ и годинава по трет пат ќе го организира традиционалното новогодишно китење на елката која се наоѓа на дел од патеката на далеководите над селото Глуво.
Доколку временските прилики се поволни и не врне дожд, турата и китењето на елката ќе се реализира на 15 декември, в недела, во спротивно ќе се пролонгира за наредната недела, на 22 декември, 2024 година.
-Стартот на турата ќе биде од селото Глуво и ако има услови ќе се движиме до Марков камен на надморска височина од 670 метри и потоа назад кон елката која ќе ја китиме. Се работи за лесна тура бидејќи има 200 метри благо искачување и е идеална за почетници планинари и секој рекреативец. Патеката ќе биде долга 7 километри – објаснуваат од здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.
Затоа, пожелно е секој учесник да донесе некој украс. При тоа, предност ќе имаат рачно изработени украси, иако новогодишни украси здружението има и од претходните години.
-За да ги испочитуваме еколошките услови на теренот по новогодишните и верските празници повторно ќе ја откитиме елката. Бидејќи е во природа, редовно со китењето на елката за да не дојде некое диво животно и да направи беља оставаме и овошје под елката. Минатата година оставивме јаболка и моркови и дел беа изедени од поситно диво животно – објаснуваат од здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.
Оттаму препорачуваат сите оние што сакаат да присуствуваат на оваа тура и китењето на елката да ги следат објавите на фејсбук групата „Убавините на Скопска Црна Гора“ каде ќе бидат споделени детали за турата.
(А.П.)