Државниот санитарен и здравствен инспекторат по вонредниот надзор во врска со починатото седуммесечно бебе на Клиниката за Детски болести во Скопје Скопје, одлучи да се провери дали 7 месечното бебе кое почина на клиниката било третирано како итен случај. Во соопштението на ДСЗИ стои историјата на бебето од првичниот прием на клиниката.
„Седуммесечното бебе прв пат во Клиниката за Детски болести Скопје било донесено на 09.12.2024 година заради висока температура и осип по целото телото од пред една недела. Првично детето е прегледано од страна на специјализанти, во консултација со доктор специјалист и упатено е на дополнителни испитувања на Инфективна клиника, Клиника за дерматовенерологија и во Биохемиска лабораторија при Детска клиника. По добиените резултати и препишаната терапија, испратено е на домашно лекување со насока за контрола кај матичен лекар и по потреба на Детска клиника. На 11 декември во вечерните часови, детето повторно е донесено на клиниката и заради влошената клиничка слика, хоспитализирано на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба е трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија“, се вели во соопштението од ДСЗИ.
-По стабилизирање на состојбата повторно е вратено на Одделот за неврологија каде престојувало неколку часа по што повторно е вратено на ОИНТ каде се направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања кои укажуваат на тешка општа состојба на детето која во вечерните часови на 15-ти декември завршува со егзитус. Во однос на надлежностите на ДСЗИ, а во врска со хоспитализацијата на седуммесечното бебе, од страна на ДСЗИ до Линиката за детски болести ќе биде издадено решение со наредба за почитување на Законот за здравствената заштита за прием на пациенти за лекување на клиниката прегледани како итни случаи. Доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување, соопштуваат од инспекторатот и потенцираат дека ако се утврди непочитување на законот ќе се спроведе нова постапка против клиниката и одговорното лице.
Истовремено Државниот санитарен и здравствен инспекторат при вршењето на инспекцискиот надзор ја утврдиле и потребата од министерот за здравство да иницира постапка за стручен надзор над лекувањето на седуммесечното бебе. Констатирале дека на клиниката сеуште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, а за кое во ДСЗИ се води прекршочна постапка. И понатаму медицинска документација се креира и од страна на доктори кои не се присутни на работа или во дежурна амбуланта за што од страна на ДСЗИ е веќе издадено решение чии рокови течат, информираат од ДСЗИ.