„Во време кога се сеќаваме на трагедијата што зафати многу семејства, сакаме да изразиме солидарност, сочувство и вечен спомен на изгубените млади животи преку уметноста. Поезијата нè учи како да ја пронајдеме убавината низ тагата и како зборовите можат да изградат мост меѓу болката и надежта “, изјави Никола Урукал, шибенски новинар и член на Здружението „Хрватско-македонска тангента“
Здружението „Хрватско-македонска тангента“, основано во Шибеник во 2015 година, на 21 март, Светскиот ден на поезијата, организираше комеморативна културна манифестација, на која им оддадоа почит на трагично загинатите од пожарот во македонскиот град Кочани. На настанот, кој се одржа во огранокот на Хрватското новинарско здружение во Шибеник, Никола Урукало, шибенски новинар и член на Тангента, посочи дека вечерта е посебна бидејќи е посветена на моќта на зборовите и сеќавањето на оние кои повеќе не се меѓу нас.
„Годинава со писма и поетски интерпретации ќе им оддадеме почит на настраданите во трагичниот пожар во дискотека во градот Кочани. Ова е настан кој фрли сенка не само на Северна Македонија, туку и на поширокиот регион. Ние овде во Шибеник, не само припадниците на Хрватско-македонската тангента, туку и целиот наш народ, ја почувствувавме оваа голема трагедија, со оглед на бројот на жртвите, кој е навистина голем. Во време кога се сеќаваме на трагедијата што зафати многу семејства, сакаме да изразиме солидарност, сочувство и вечен спомен на изгубените млади животи преку уметноста. Поезијата нè учи како да ја пронајдеме убавината низ тагата и како зборовите можат да изградат мост меѓу болката и надежта“, изјави новинарот Урукало.
Настанот започна со едноминутно молчење, а беше отворена и Книгата на жалост, а сите членови на Хрватско-македонската тангента и сите присутни изразија сочувство до семејствата на настраданите, искажувајќи поддршка и надеж за побрзо закрепнување на повредените.
Во рамките на оваа културна комеморативна манифестација насловена „По стапките на пишаниот збор“, во соработка со Здружението „Марија Јуриќ Загорка“, се одржа манифестацијата „Гласот на жената низ времето – Писма на Марија Јуриќ Загорка“.
Писмата на Загорка ги читаше Дубравка Видовиќ, претседател на Здружението, а своја поезија читаа и поети од Шибеник, кои се членови на Хрватско-македонската тангента.
Според Сашо Георгиевски, долгогодишен претседател на Тангентата, Хрватска и градот Шибеник, први во Европа искрено му понудија на Скопје каква било донација во врска со трагедијата во градот Кочани, за што изразува посебна благодарност.
Покровител на настанот е Советот за национални малцинства на Република Хрватска.