Одморот во Хрватска ова лето нема да биде како досега. Туристите ќе мора да внимаваат како се однесуваат, а забавите, особено во клубовите на отворено покрај море, ќе бидат со тивка музика. По Шпанија, Италија, Грција… годинава и Хрватска реши да им објавува војна на непристојните туристи.
Островот Хвар, познат по својот бурен и бучен ноќен живот, со одлука на властите на истоимениот град ќе го загуби имиџот како дестинација за забава. Минатата недела беше изгласано ограничувањето на гласна музика да продолжи и во текот на летото, што значително ќе влијае на работата на клубовите, дискотеките и на местата за забава на отворено. Како што пишува „Еуроњуз“ градските одборници одлучиле да го ограничат нивото на бучавата на 85 децибели, што е еднакво на бучен ресторан, па оваа мерка значително ќе влијае на популарните клубови на отворено што работат во шпицот на сезоната, како и на рестораните во кои се одржуваат свадби на отворено.
Оваа одлука наиде на противење од угостителите, рестораните и од баровите. Според извештаите на локалните медиуми, угостителскиот сектор дури предложил да се прогласи целиот остров за зона за забава во текот на целата година за да се заобиколат новите правила за бучава.
– Мислам дека ова е катастрофа. Секогаш сме поддржувале построги правила и подобар надзор, но сега одиме од една крајност во друга. Ова не е вистинскиот начин – изјави за хрватскиот портал „Дневник.хр“ Вичко Вишковиќ од угостителското здружение „Диктум фактум“.
Со оваа одлука, локалните власти имаат сосема поинаква намера. Наместо дестинација за забава, сакаат да испратат јасна порака дека се за поодржлив и семеен туризам.
– Во изминатите години, клубовите на отворено на Хвар и во Сплит, можеби поттикнуваа прекумерна забава и придонесоа за имиџот на Хрватска како дестинација за забава – вели Даријо Шариќ, директор на платформата за изнајмување луксузни вили „ВИП Холидеј букер“ и додава дека Хрватска сè повеќе гради репутација како семејна дестинација, нудејќи богата култура, природна убавина и опуштена атмосфера.
Овие ограничувања што ги донесоа одборниците на Хвар, се дел од една поширока иницијатива. Во голем број градски јадра, вклучувајќи ги Сплит и Дубровник, туристите можат да добијат казни до 700 евра на самото место за несоодветно однесување. Ова се однесува на консумирањето алкохол или дрога на јавни места, мокрењето и повраќањето на улица и на шетањето низ град без кошула или во костим за капење.
За посериозни нарушувања на јавниот ред како тепачки, вербални напади (викање, расправија) и пијанство, казните може да достигнат и до 4.000 евра. Дури и еколошките правила се строги – за нуркање по пераски, критично загрозени школки што играат клучна улога во медитеранскиот екосистем, за секоја школка, како казна, се наплаќаат по 67 евра.
– Целта на овие казни не е да се казнува, туку да се спречи несоодветното однесување. На крајот на краиштата, сето тоа е дел од одговорниот пристап за да се осигури дека Хрватска останува безбедна и посакувана дестинација за сите посетители – објаснува Шариќ.