Обвинителството побара, а кочанскиот суд прифати четири ефективни, шест куќни притвори и мерки за претпазливост за осум од новите 19 осомничени во проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 61 лице. Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска изјави дека поради непостапувањата на Дирекцијата за заштита и спасување изминатите години, граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти во сите општини во државата.
-Низ годините ниту еднаш согласно ризиците кои постоеле и кои морале да ги имаат предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор над објекти кои вршат угостителска дејност-дискотеки и кабареа, изјави Коцевски
Нови 19 осомничени во проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 61 лице. Истрагата се проширува со екс-министри за економија кои биле на власт од 2012 година до 2024 година, со државни секретари во министерството за економија, како и градежни инспектори и поранешни директори во Дирекцијата за заштита и спасување. Од 19-те ново осомничени, Обвинителството побара од Судот во Кочани да изрече за четворица мерка притвор, за шест мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување на комуникација, а за уште осум лица се бараат мерки на претпазливост. Еден осомничен, амбасадорот во Норвешка, до затворањето на весникот сè уште не беше во Македонија.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска на заедничка прес-конференција информираа околу деталите за проширената истрага. Коцевски појасни дека во рамките на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена за уште три лица на истата функција, вклучително и актуелниот директор, како и против генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот. Обвинителот Коцевски рече дека поради непостапувања, граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти во сите општини во државата.
-Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидена во Законот за заштита и спасување и Законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности не само во однос на овој клуб, туку и на останатите угостителски објекти во државата. Низ годините ниту еднаш согласно со ризиците кои постоеле и кои морале да ги имаат предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор над објекти кои вршат угостителска дејност – дискотеки и кабареа. Со своето неизвршување на должностите, спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност за нивното здравје и живот, изјави државниот обвинител.
Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи како што рече Коцевски, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани. Тој прецизира дека досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица.
– Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на документацијата за неговата смрт, постапката за него ќе биде запрена, изјави Коцевски и потенцираше дека истрагата ќе биде максимално ефективна и ќе ги даде посакуваните ефекти.
Јавниот обвинител рече дека покрај оние за кои постои сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето во Кочани од самиот почеток во подолг временски период, па сè до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот.
Медиумите веќе објавија дека меѓу приведените се поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат, Виктор Дерменџиев.
Дополнително, истрага се води и против седум полициски службеници. Министерот Тошковски рече дека законот важи за секој што ќе се огреши, а притоа да се собрани соодветни докази.
-Сакам да упатам една јасна порака до македонските граѓани, а тоа е дека време кога пајакот и кабелот беа криви заврши. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба на што досега било правено претходно. Мислам дека на секој еден од нас му е јасно дека разликата е огромна, дека за разлика од претходно со оние три, четири трагедии коишто цело време се споменати во јавноста, каде што имавме повеќе од седумдесеттина жртви. Во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до Јавното обвинителство. Во минатото МВР, немаше ниеден осомничен којшто би требало да го процесуира и даде на понатамошна обработка на Јавното обвинителство, истакна Тошковски.
Претходно, во саботата од ЈОРСМ информираа за проширувањето на истрагата. Сите осомничени се товарат за „тешки дела против општата сигурност“.
ЈОРСМ соопшти дека станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16 март 2025 „заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“.