Завршена е првата фаза на градежните работи на новиот мегапарк во општина Карпош, зелен појас кој се простира на површина од 86.000 квадратни метри.
Од Град Скопје информираат дека е уреден и исчистен запуштениот простор кој беше непристапен и обраснат, а сега, како што велат прераснува во парк со чија реализација како проект и дел од програмата „За модерно Скопје“, се делува со цел долгорочно унапредување, заштита и зачувување на животната средина.
Во првата фаза од паркот покрај зелениот појас, дрвјата и садниците, завршена е изградбата на пешачките патеки, а се продолжува со паркинг за посетителите, нова урбана опрема и паркови за миленици.
-Посветено се работи на подигнување и уредување на зелени, модерни и еколошки содржини во градот кои се дел од долгорочните решенија за почиста животна средина и почист воздух за граѓаните на Скопје – соопштија градските власти.
Тие додаваат дека за прв пат по децении во општина Ѓорче Петров на површина од 32.000 квадратни метри, Аеродром на површина од 27.000 квадратни метри и Чаир на површина од 30.000 квадратни метри, се подигнати нови паркови површини, а низ јавните простори во надлежност на градот дизајнирани се и нови зелени јавни површини и паркови, кои како што нагласуваат, Град Скопје како простор отпочнува да ги ревитализира и зазеленува за поубав град и здрава животна средина.