Зимскиот преоден рок во најсилните европски лиги заврши по полноќ. Точно 11 трансфери беа во вредност од 30 и повеќе милиони евра, а најскап трансфер е тој на Џон Дуран кој за 77 милиони евра ја напушти Астон Вила и се пресели во Ал Наср каде ќе игра покрај Кристијано Роналдо, Садио Мане и хрватскиот фудбалер Марсело Брозовиќ.
Меѓу десетте најголеми трансфери имаше уште еден во саудиската лига, а тоа беше трансферот на левото крило од Порта, Галено. Бразилскиот интернационалец го напушти португалскиот гигант во трансфер вреден околу 50 милиони евра. Така дополнително ќе го засили моќниот напад на Ал Ахли составен од Ријад Махрез, Роберто Фирмино и Иван Тони.
Најмногу потроши Манчестер Сити
Манчестер Сити е клубот кој потроши најмногу оваа зима. Во сезона во која неговиот тим не се истакнува, за разлика од последните неколку, Пеп Гвардиола реши да ги размрда работите со неколку нови имиња во тимот. Така Сити реализира четири од 10-те најголеми трансфери оваа зима.
Шампионот на Англија како нова напаѓачка опција го доведе Омар Мармуш од Ајнтрахт за 75 милиони евра, а во клубот ангажираше и двајца многу млади дефанзивци. За 37 милиони евра го доведе 19-годишниот Витор Реис од Палмеирас, додека за една година постариот Абдукодир Хусанов беше купен од француски Ленс за 40 милиони евра.
Во последниот ден од преодниот рок „граѓаните“ ја активираа откупната клаузула од 60 милиони евра за Нико Гонзалес, 23-годишниот шпански играч за врска. Оваа сезона сега веќе поранешниот фудбалер на Порто постигна седум гола и асистираше за уште пет на 29 натпревари.
Клубовите од врвот на Премиер лигата и Ла Лига не беа активни
Водечките три тима од Премиер лигата, Ливерпул, Арсенал и Нотингем Форест не купија, а најголемиот трансфер освен тој на Сити го направи Манчестер Јунајтед кој за 30 милиони евра го донесе Патрик Доргу од Лече. Зимава Јунајтед реши да го позајми Антони на Бетис, еден од најскапите играчи во историјата на клубот, тој беше прогласен за играч на натпреварот на дебито во Шпанија.
Преодниот рок во Шпанија беше прилично мирен. Најголем трансфер беше оној на Акор Адамс од Монпеље во Севиља за 5,5 милиони евра. Атлетико (М), Барселона и Реал (М), клубовите кои се борат за титулата во Ла Лига, не направија никаков потег на пазарот за фудбалери.
По продажбата на Мармуш, Ајнтрахт најде замена во Ели Вахи од Марсеј и Мичи Батшуаји. Борусија Дортмунд го потврди доаѓањето на Карни Чуквуемека како позајмен од Челзи и голманот Диант Рамахо во последниот ден од преодниот рок. Тој дојде од Ајакс, а остатокот од сезоната ќе го помине на позајмица во Копенхаген. Баерн (М) го доведе голманот Јанис Урбиг од Келн и го продолжи договорот со Мануел Нојер, додека Баер од Леверкузен на позајмица ги доведе Марио Хермоза и Емилијано Буендија.
Ленс направи рекордно купување во Босна и Херцеговина
Третиот најголем трансфер оваа зима го направи ПСЖ. Парижаните за 70 милиони евра од Наполи го доведоа Грузиецот Квича Кварацхелија, додека во Јувентус на позајмица беше испратен Рандал Коло Муани. Популарните „светци“ го продадоа и Чави Симонс на РБ Лајпциг за 50 милиони евра, што воедно е еден од 10-те најголеми трансфери оваа зима.
Монако го донесе поранешниот напаѓач на Арсенал, Мика Бирет од Штурм за 13 милиони евра, додека Лион имаше две поголеми продажби. Максенс Какере се пресели во Комо за 15 милиони, а Гифт Орбан во Хофенхајм за 9 милиони. Покрај Хусанов, Ленс за 14 милиони на Рен му го продаде и голманот Брис Самба, додека за 2,5 милиони евра поставија рекорд за Премиер лигата на Босна и Херцеговина со доведување на Нидал Челик од Сараево.
Милан беше активен
Никола Залевски пристигна во Интер како позајмен од Рома и веќе во првиот настап, во миланското дерби, забележа асистенција. Од друга страна, Милан го донесе Сантијаго Хименез од Феенорд за 32 милиони евра, додека на позајмица ги доведе Кајл Вокер од Манчестер Сити и Жоао Феликс од Челзи. Алваро Мората беше испратен на позајмица во Галатасарај, а Лука Ромеро беше продаден на Круз Азул.
Заедно со позајмицата на Коло Муани, Јувентус ги доведе и Лојд Кели од Њукасл и Ренато Веига од Челзи, додека за Алберто Коста од Виторија Гимараеш плати речиси 15 милиони евра. Аталанта го доведе Даниеле Малдини за 10 милиони евра, додека Стефано Пош од Болоња го донесе на позајмица.
Список на 10-те најскапи трансфери оваа зима
- Џон Дуран (Астон Вила – Ал Наср), 77 милиони евра
- Омар Мармуш (Ајнтрахт – Манчестер Сити), 75 милиони евра
- Квича Кварацхелија (Наполи – ПСЖ), 70 милиони евра
- Нико Гонзалес (Порто – Манчестер Сити), 60 милиони евра
- Чави Симонс (ПСЖ – Лајпциг), 50 милиони евра
- Вандерсон Галено (Порто – Ал Ахли), 50 милиони евра
- Абукодир Хусанов (Ленс – Манчестер Сити), 40 милиони евра
- Витор Реис (Палмеирас – Манчестер Сити), 37 милиони евра
- Луис Хенрике (Ботафого – Зенит), 33 милиони евра
- Сантијаго Хименез (Феенорд – Милан), 32 милиони евра