Општина Кисела Вода ја заврши првата од двете предвидени траси на фекалната канализација во населбата Стаклара Каменик, во должина од 3.600 метри.
Според градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, се работи за многу значаен проект, кој се реализира преку финансиско партнерство на Општината со општествено одговорни компании, што ќе овозможи, конечно, септичките јами во Стаклара да заминат во историјата.
– Над 500 семејства и голем број бизнис-субјекти, кои со децении живееја во услови недостојни за 21 век, конечно, ја добиваат основната инфраструктура, која ќе им овозможи квалитетен живот и нормално функционирање. Поставувањето на фекалната канализација значи крај на долгогодишната употреба на септичките јами, што беше не само хигиенски и еколошки проблем туку и голема пречка за развој на овој дел од нашата општина – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека наскоро ќе започне изградбата на втората траса од фекалната канализација, во должина од 1.200 метри и оти напролет ќе започне и изградбата на водоводната мрежа, за што се обезбедени средства преку Министерството за животна средина.
– Очекуваме да заврши и тендерската постапка што ја спроведува Министерството за животна средина, кое, пак, ги обезбеди финансиските средства за изградба на водоводот. Очекуваме изградбата на водоводната мрежа да започне на крајот од март или на почетокот од април – прецизираше Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласи дека по завршувањето на овие подземни инфраструктурни зафати, ќе следува асфалтирање на улиците, со што, според него, ќе се постигне не само целосна функционалност туку и современ естетски изглед на оваа населба.
– Стаклара Каменик веќе не е заборавена населба – туку место што ќе продолжи да се развива, со целосна поддршка од Општината – заклучи Ѓорѓиевски.