– Неказнивоста на овие дела, кои се многубројни и секојдневни, раѓа ново и ново насилство. Да се погрижиме овој случај да биде пример за секој што ќе помисли да стори вакво дело во иднина. Мора да се знае дека ова не е залудно кривично дело во Кривичниот законик – насилството врз животно речиси секогаш преминува во насилство врз човек – нагласија активистите, кои, пред Кривичен суд, ќе бараат затворска, а не парична казна за сторителите
Активисти за заштита на правата на животните и граѓани повикуваат на 26. овој месец, во 10:00 часот, на спонтан собир пред Кривичниот суд, за кучето Феликс, кое беше крвнички претепано и убиено од Љубе Крстевски во Момин Поток.
Целта на собирот е да се изврши притисок врз Кривичниот суд да се воведе затворска, а не парична казна за сторителите на ваквите дела.
– Неказнивоста на овие дела, кои се многубројни и секојдневни, раѓа ново и ново насилство. Да се погрижиме овој случај да биде пример за секој што ќе помисли да стори вакво дело во иднина. Мора да се знае дека ова не е залудно кривично дело во Кривичниот законик – насилството врз животно речиси секогаш преминува во насилство врз човек – нагласуваат активистите.
Тие додаваат дека сторителот моментално е на слобода, но во пријавата пишувало дека го удирал само со едно стапче.
– Тоа значи дека се обидуваат да го минимизираат делото за казната да биде помала. Не смееме да го дозволиме ова! Ова е случај во кој беше претепано кучето до смрт, не почина истиот ден, туку по извесно време – нагласуваат активистите.
Според нив, досега, во судската практика, ниту еден сторител на ова кривично дело не бил казнет со затворска казна, туку со условна или со парична казна, не повисока од 300 евра. Сметаат дека ваквата судска практика не превенира насилство врз послабите, туку го охрабрува.
Инаку, кучето Феликс умре пред еден месец, откако беше згрижено во ЈП „Лајка“, поради тешките повреди што му беа нанесени откако беше ѕверски удирано од вработен од фирма кај Момин Поток. На почетокот, неговата здравствена состојба покажуваше знаци на подобрување, но по неколку дена, тоа повеќе не можеше да се бори и им подлегна на повредите.
Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ го поддржуваат собирот.
– Многу е важно да се препознае ова дело како екстремна суровост, општествена девијација и затоа бараме да се казни со максимална казна од три години затвор главниот сторител и институциите да постапат во најбрз можен рок, бидејќи во случај на амнестирање на вакви дела, тие само ќе се повторуваат и продлабочуваат – велат од „Анима мунди“.
Оттаму додаваат дека ќе поднесат измени и дополнување на Кривичниот законик за, како што велат, построга и попрецизна определба на кривичните дела кон животните.
(А.П.)